Рускиот Уставен суд ја потврди анексијата на украински територии
Уставниот суд на Руската Федерација објави дека не ја смета меѓународно непризнаената анексија на четири украински територии за кршење на руските закони.
Вклучувањето на регионите Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје во Руската Федерација е во согласност со Уставот, објави денеска судот во Санкт Петербург, пренесува државната новинска агенција ТАСС.
Меѓународната заедница го осудува потегот на рускиот претседател Владимир Путин да ги припои украинските региони кон Русија, седум месеци откако ја започна војната. По церемонијата на потпишување во Кремљ, Уставниот суд ги разгледа документите за анексија.
Следниот чекор е двата дома на рускиот парламент, Думата и Советот на Федерацијата да ја потврдат одлуката. Претседателот на Думата, Вјачеслав Володин, изјави за државната телевизија дека Долниот дом на парламентот утре ќе разговара за ова прашање.