Руски ракети и беспилотни летала го погодија Киев, гори облакодер во центарот на градот


Масивни руски напади запалија облакодер во центарот на Киев и ги таргетираа енергетските објекти, соопштија официјални лица.

Украинската министерка за енергетика, Свитлана Гринчук, изјави дека руските сили напаѓаат енергетски објекти, чии работници се обидуваат да ги намалат ефектите од нападот.

„Експертите за енергетика преземаат сите потребни мерки за намалување на негативните последици. Штом безбедносните услови дозволат, тие почнуваат да вршат санација“, напиша Гринчук на социјалната мрежа Фејсбук.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека осум лица се повредени, од кои пет се во болница и дека градот останал без електрична енергија.

Шефот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко, објави дека украинскиот главен град бил нападнат од руски беспилотни летала и ракети по полноќ.

Ткаченко рече дека дронот запалил станови на 6-тиот и 7-миот кат од облакодер во централниот Печерски округ и нема извештаи за жртви.

Сликите објавени на интернет покажаа станови во пламен додека пожарникарите заземаа позиции за да реагираат.

Во југоисточниот град Запорожје, беспилотните летала погодија неколку цели, при што беа повредени три лица и предизвикаа најмалку еден пожар во станбена зграда, изјави регионалниот гувернер.