Руски функционер избега од земјата откако го нарече Путин „монструм“


Сергеј Медведев, член на локалниот совет во рускиот град Перм, побегна во соседна Грузија по реакциите и анонимните закани по објавата на интернет во која тој го критикуваше претседателот Владимир Путин, како и руската инвазија на Украина.

Во објавата што ја сподели на руската социјална мрежа Вконтакте на 31 декември, Медведев рече: „Русијо, разбуди се! Те убиваат! Ужасно е да се сфати дека монструмот што стои зад ова повторно се кандидира на избори“.

Тој додаде: „Сакам војната да заврши! Сакам да ја видам Русија ослободена од оковите на Путин“.

Објавата резултираше со негово исклучување од Комунистичката партија минатата недела, откако градскиот совет на Перм и агенциите за спроведување на законот побараа партијата „да даде правна оценка“ на објавите на Медведев на социјалните мрежи во кои се критикува војната.Лидерот на Комунистичката партија во регионот Перм, Ксенија Ајтакова, порача „надлежните органи да продолжат со својата работа“, повикувајќи се на полицијата. Нејзината партија, исто така, објави долга изјава во која ја потврдува својата поддршка за војната во Украина.

Од егзил, Медведев изјави : „Едноставно не можев повеќе да издржам. Невозможно е да се игнорира она што се случува. Луѓето се смешкаат, политичарите нудат добри желби. Но, која е поентата? Земјата е во пад, а сепак има прослави насекаде. Целиот свет не гледа како да сме луди. Стануваме нација на ризици. Секој разумен човек го разбира ова“.

Медведев рече дека верува оти многу луѓе во Русија се чувствуваат исто, но дека се замолчени од стравот.

„Тоа е како во нацистичка Германија. Како можеше да се зборува против Хитлер таму?“

Репресијата на Русија врз критичарите се интензивираше откако Путин нареди инвазија на Украина во февруари 2022 година. Неодамнешните случаи вклучуваат незаконско затворање на опозицискиот лидер Алексеј Навални и протерување на странски новинари, вклучително и Ева Хартог, новинарка на Политико, минатиот август.  (Политико)