Русите го „разбудија“ Чернобил, закана и од другите четири нуклеарки во Украина

Ризикот од катастрофа во Чернобил е „реален“, велат експертите. Властите објавија високи нивоа на радиоактивност во близина на централата утрово.


Украинската потврда дека руските војници ја презеле контролата врз нуклеарната централа во Чернобил предизвика стравувања дека борбите во областа може да доведат до еколошка катастрофа.

„Ризикот од случајно гранатирање што ќе предизвика вистинска нуклеарна катастрофа е реален“, рече Ив Марињак, француски нуклеарен експерт од здружението Негават.

Нуклеарните реактори во Чернобил, местото на најразорната нуклеарна катастрофа во светот што се случи во 1986 година, не се во функција, но складиштето содржи околу 20.000 кубни метри радиоактивен отпад. Ако објектот биде погоден од тешко вооружување, може да претрпи штета што ќе предизвика ослободување на „значителна“ количина на радиоактивен материјал во атмосферата на локално ниво, „потенцијално подалеку од зоната“, рече Марињак. Тоа би имало сериозни последици за локалното население, бидејќи тековниот конфликт најверојатно ќе ја отежне нивната евакуација, додаде тој.

Во  белешката испратена денес, мисијата на Украина во ЕУ предупреди дека потрошеното гориво, исто така, може да се претвори во оружје. „Во страшните раце на агресорот, оваа значајна количина на плутониум-239 може да се претвори во нуклеарна бомба, која ќе претвори илјадници хектари во мртва безживотна пустина“.

Интерфакс објави дека портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков, изјавил дека воените сили постигнале договор со персоналот на електраната за да се обезбеди безбедност на објектот. Тој додаде дека „нивоата на радијација се нормални“ и дека „персоналот продолжува да работи со електраната како и обично и да го следи нивото на радијација“.

Државниот нуклеарен регулаторен инспекторат на Украина денес  објави високо ниво на радиоактивност околу нуклеарната централа. Тие ги припишуваат овие надминати нивоа на „нарушувањето на горниот слој почва од движењето на голем број тешка воена механизација низ зоната “.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во петокот соопшти дека ги проценила мерењата и заклучила дека тие „се ниски и остануваат во рамките на оперативниот опсег измерен во зоната  откако е основана“ и „не претставуваат никаква опасност за јавноста“. Но, градот Припијат, најблиската урбана област до централата, во петокот забележа нивоа на гама зрачење речиси 10 пати повисоки од претходните денови, достигнувајќи 10.200 наносиверти на час.

Рафаел Маријано Гроси, генералниот директор на МААЕ, рече дека агенцијата ја следи ситуацијата во Украина „со голема загриженост“ и „внимателно го следи развојот на настаните“. Тој повика „на максимална воздржаност за да се избегне каква било акција што може да ги доведе во опасност нуклеарните капацитети на земјата“ и истакна дека нападот на нуклеарни постројки е против меѓународното право. МААЕ соопшти дека нивниот колега во Украина изјавил дека „немало жртви ниту уништување на индустриските локации“.

Луиз Линард, портпарол на белгиската Федерална агенција за нуклеарна контрола, рече дека сегашниот ризик за земјите од ЕУ е минимален. „Ситуацијата е под контрола и веројатно нема да предизвика загадување надвор од блиската област“, рече таа, иако додаде дека тоа може да се промени во зависност од „идентификуваните [радиоактивни] испуштања во воздухот, временските услови“.

Поголем ризик доаѓа од четирите активни нуклеарни постројки на Украина, според Џејмс Актон, ко-директор на програмата за нуклеарна политика во Карнеги фондот за меѓународен мир, кој истакна дека „голем дел од горивото во овие други реактори е значително повеќе радиоактивно од горивото во Чернобил“.

Ако една од активните постројки биде погодена од силен оган, тоа „може да има последици на европски размери“, рече Марињак, француски нуклеарен експерт.

„Енергоатом“, компанија која работи со нуклеарните централи во Украина, во четвртокот соопшти дека капацитетите работат нормално и дека производството на електрична енергија е стабилно. (Политико)