Русија сака дијалог со САД за работите на Балканот
Русија и САД се во контакт во врска со Балканот и Москва е отворена за такви дискусии, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција на која се сумираше дипломатската активност на Русија во 2025 година, објавија ТАСС и Ројтерс.
„Вакви контакти постојат, но тие сè уште не доведоа до никакви позитивни, па дури ни конкретни резултати“, истакна Лавров. „Но, ние сме отворени за овие контакти. Колку што можам да видам, нашите американски колеги се исто така подготвени“.
„Имаме поголеми можности за контакти со САД на Балканот, во врска со Босна и Херцеговина и другите земји во регионот“, рече Лавров.
Информациите од двете агенции не покажуваат јасно за кои други земји во регионот станува збор, ниту за кои балкански прашања Русија и САД се во контакт.
На прес-конференцијата, рускиот министер за надворешни работи се осврна и на темата Молдавија, велејќи дека курсот избран од Кишињев кон интеграција во Европската унија ја уништува молдавската државност.
„Курсот на Молдавија кон приближување кон Европската унија, или би рекол апсорпција од страна на ЕУ, бидејќи сè повеќе се слушаат гласови дека обединувањето или пристапувањето (на Република Молдавија) кон Романија ќе биде најкраткиот пат до членство во ЕУ. Овој курс, секако, ја уништува молдавската државност и создава впечаток дека ЕУ е заинтересирана за ова“, рече рускиот министер за надворешни работи.
Молдавската претседателка Маја Санду минатата недела изјави дека доколку има референдум, таа би гласала за обединување на Молдавија со Романија со цел да ја заштити молдавската демократија од рускиот притисок.
Санду постојано ја обвинува Москва за мешање во внатрешните работи на поранешната советска република со население од околу 2,4 милиони луѓе, која има мнозинство што зборуваат романски јазик и малцинство што зборува руски јазик.