Русија планира да ги зголеми годишните трошоци за одбрана на 142 милијарди долари


 Руските власти планираат следната година да ги зголемат трошоците за одбрана на 6,2 отсто од бруто домашниот производ на земјата, во услови на војна против Украина, објави Блумберг, врз основа на увид во нацрт-буџетот на Руската Федерација за 2025 година.

Според документот, руската влада има намера да ги зголеми трошоците за одбрана на 13,2 трилиони рубљи (142 милијарди долари) во 2025 година од 10,4 трилиони рубљи планирани за оваа година, или 6,2 отсто од БДП.

Како што наведува американската агенција, воените трошоци се планира да се намалат на 5,6 отсто од БДП во 2026 година и на 5,1 отсто во 2027 година.

Исто така се предвидува дека расходите за националната одбрана и внатрешната безбедност на Русија да сочинуваат околу 40 отсто од вкупните буџетски расходи на Русија во 2025 година, додека рускиот претседател Владимир Путин продолжува да ја става економијата на воена основа за време на руската инвазија на Украина.

Износот за одбрана е поголем од комбинираните средства за образованието, здравството, социјалната политика и националната економија, се наведува во нацрт-буџетот што најверојатно наскоро ќе биде доставен до рускиот Парламент.

Меѓу другото, Владата на Русија предвидува буџетски дефицит за 2024 година на ниво од 1,7 отсто од БДП, што е за 0,6 процентни поени повеќе од проценката во јуни.