Русија испраќа спасувачи во Дагестан по разорните поплави
Руското Министерство за вонредни ситуации испрати дополнителни 100 спасувачи и 30 единици опрема во поплавените подрачја на Дагестан, соопшти прес-службата на министерството.
Како што е наведено, по наредба на ресорниот министер Александар Куренков, спасувачките екипи од Донскиот спасувачки центар се упатени во повеќе погодени општини за да помогнат во санирање на последиците од поплавите и работа во зоната на вонредна состојба, пренесе ТАСС.
Во Дагестан се поплавени повеќе од 1.000 станбени објекти, над 1.100 земјоделски парцели и 70 патни делници во шест општини и осум населени места, додека во неколку области сè уште се работи на обновување на електричната енергија, гасот и водоснабдувањето.
Локалните власти соопштија дека жител на Дагестан кој за време на поплавите спасил повеќе од 20 луѓе е награден со стан и паричен износ од 55.000 евра, а најавено е и дека ќе стане помошник на пратеник во Државната дума.
Според парламентарни извори, наградата е доделена по иницијатива на сенаторот Сулејман Керимов, додека спасувањето е оценето како „херојски чин за време на природна катастрофа во регионот“.
Куренков вчера на состанок со претседателот на Русија Владимир Путин изјави дека шест лица загинале во поплавите во Дагестан, додека повеќе од 200 луѓе се спасени.
Тој наведе дека регионот бил погоден од повторно дејство на циклон од 4 до 5 април. Путин порача дека ситуацијата со поплавите и нивните последици во Дагестан мора да бидат под постојан надзор.