Русија бесна – Јутјуб го блокираше каналот на Думата
Јутјуб во саботата го блокираше каналот на долниот дом на рускиот парламент, ТВ Дума, предизвикувајќи лута реакција на руските власти кои му се заканија со ограничувања.
Јутјуб објави порака во саботата дека каналот на Думата е „затворен поради кршење на деловните правила на Јутјуб“.
Јутјуб, во сопственост на „Алфабет“, е под притисок на рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор, а руските власти брзо реагираа.
„Изгледа дека Јутјуб потпишал сопствен налог за апсење. Снимете ја содржината, поставете ја на руските платформи. И побрзајте“, изјави за порача на телеграм портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.
Роскомнадзор соопшти дека побарал од „Гугл“, чиј дел е Јутјуб, да дозволи каналот на Дума веднаш да се емитува.
„Американската ИТ компанија се придржува до силната антируска позиција во информациската војна што Западот ја води против нашата земја“, соопшти Роскомнадзор.
Во одговорот на е-пошта испратена до Ројтерс, „Гугл“ соопшти дека е посветен на почитување на сите санкции и трговски закони.
„Доколку откриеме дека некој профил ги прекршува нашите деловни услови, преземаме соодветни мерки. Нашите тимови внимателно ја следат ситуацијата за какви било ажурирања и промени“.
Вјачеслав Володин, претседателот на Думата, рече дека одлуката на Јутјуб е нов доказ дека Вашингтон ги крши правата и слободите.
„САД сакаат монопол на ширењето на информациите. Не можеме да го дозволиме тоа“, рече тој на Телеграм.
Русија веќе го ограничи пристапот до Твитер и Фејсбук и Инстаграм откако ја нападна Украина на 24 февруари.