Румен Радев бара целосна реформа на Обединетите нации

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека на светот му требаат реформирани Обединети нации за ефикасно справување со многуте предизвици со кои се соочува. Тој додаде дека организацијата мора да биде соодветно подготвена да ги задоволи потребите на човештвото во овој век. Радев го имаше своето обраќање на Генералното собрание на ОН преку видео врска. „Бугарија ја поддржува целокупната реформа во сите области на активност на ОН“, нагласи тој.
Шефот на бугарската држава како итни задачи кои стојат пред ОН ги нагласи спречувањето на ширењето на корона вирусот и заздравувањето на светската економија, борбата против климатските промени, борбата против тероризмот и прекуграничниот криминал и зголемувањето на сајбер-безбедноста. Тој уште рече дека Бугарија е дел од напорите да се обезбедат вакцини за оние на кои им е потребна.