Ровињ избран за најубав крајбрежен град во Европа
Списанието Conde Nast Traveler ја издвоило листата на најубави крајбрежни градови во Европа, а на прво место го издвоиле Ровињ – односно Истра во целина
На листата се најдоа најубавите крајбрежни локации во Европа, а по Истра се и плажата Салеќа на Корзика, островот Фавињана во Италија, Ваденското Море во Данска, Поркерол во Франција, Антиб во Франција, Фуертевентура на Канарските острови во Шпанија. Исто така тука се и Компорта во Португалија, Посилипо во Италија, Коста да Морте во Шпанија и Островите Лофотен во Норвешка.
Уредниците на Conde Nast Traveler го опишале хрватското крајбрежје со зборовите: „Мека, топла вода наспроти ненадејните слоевити карстни карпи“.
„Се врти околу урнатините на империите, духовите на 20. век, преклопувајќи го минатото и иднината“, напишал еден од уредниците на магазинот, нагласувајќи дека оттогаш се враќа на оваа дестинација, посетувајќи ги островите Хвар и Вис.
Градот Ровињ е опишан како „речиси остров, каде што морето е врамено меѓу средновековните ѕидини покрај водите во кои децата скокаат како да се на аудиција за филмот на Антониони“.
„Брегот е замаглен од борови шуми и мали заливи, а меѓу дрвјата се зомби урнатините на клубовите на плажата од седумдесеттите години, бетонски маси за пинг-понг кои полека тонат во грмушките“, понатаму ја опишуваат оваа дестинација.
Фото: Принтскрин/YouTube