Роуз Жироне, најстарата преживеана од холокаустот, почина на 113 години

Роуз Жироне, жената за која се верува дека е најстарата преживеана од холокаустот, почина на 113-годишна возраст, објавија во четвртокот нејзиното семејство и организацијата Claims Conference.
Жироне е родена во 1912 година во еврејско семејство во југоисточна Полска како Роза Раубвогел, а како дете се преселила во Хамбург, Германија.
Во 1937 година, таа се омажила за германски Евреин, Јулиус Манхајм. Кога нејзиниот сопруг бил уапсен и испратен во нацистичкиот концентрационен логор Бухенвалд, Жироне била бремена во осмиот месец. Во 1938 година ја родила ќерката Реха, а подоцна преку роднина успеала да добие визи за себе и за своето семејство за Шангај, Кина, кое било едно од ретките пристаништа што прифаќало еврејски бегалци.
До 1940 година, некои затвореници во концентрационите логори, вклучително и Евреи, можеа да бидат ослободени под одредени услови, па таа успеа да обезбеди ослободување на нејзиниот сопруг со виза, но еден од условите беше тие да заминат во Кина во рок од шест недели.
Благодарни што го избегнале нацистичкиот терор, семејството отпловило за Шангај, но наскоро, поради кинеско-јапонската војна, Јапонците ги окупираше кинеските пристаништа, а на Евреите им било наредено да се преселат во гета.
Никој не можеше да го напушти гетото без дозвола од јапонски функционер кој себеси се нарекува „крал на Евреите“, раскажува Роуз Жироне во едно од нејзините сведоштва.
Додека била во Кина, таа почнала да плете облека за да продава – занает со кој ќе се занимава до крајот на животот и кој го сметала за извор на нејзината сила. По војната, Жироне и нејзиното семејство се преселиле во САД. Живеела на неколку места низ Њујорк, а на крајот отворила продавница за плетење во Квинс. Нејзиниот прв брак заврши со развод, а подоцна се омажи за Џек Жироне.
Непрофитната Конференција за барања, која обезбедува компензација на преживеаните од холокаустот, објави дека Роуз Жироне починала во понеделникот, а Си-Ен-Ен објави дека таа починала во старски дом во Белмор, Њујорк.
Нејзината ќерка Реха Беникаса, која исто така го преживеа холокаустот, рече дека нејзината мајка била силна и издржлива жена.
„Таа го правеше најдоброто од ужасните ситуации. Беше многу присебна и многу разумна. Немаше ништо што не можеше да ми помогне да решам, уште кога бев дете”, рече таа.
Според еврејската организација Claims Conference, сѐ уште се живи околу 245.000 преживеани од Холокаустот, а околу 14.000 од нив живеат во Њујорк.