РКЕ утре ќе ги одреди новите цени на струјата и парното греење
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) утре треба да ги донесе одлуките за цената на електричната енергија и за парното греење за скопјани што ќе важат во текот на наредната година.
Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски неодамна потврди дека сите енергетски компании во земјава побарале зголемување на цената на електричната енергија поради зголемените трошоци и намалената потрошувачка, како и проблемите со ликвидноста што ги предизвика пандемијата со Ковид-19.
Одлуката за цената за струјата требаше да биде донесена на крајот на минатиот месец и да важи од 1 август, но поради предвремените парламентарни избори нејзиното носење е одложено за утре, а цената ќе важи од 1 септември.
Според најавите, се очекува утре да биде намалена цената што ја плаќаат скопјани за парното греење.