РКЕ ќе побара Електродистрибуција да ги замени постоечките со броила со далечинско отчитување


До Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) последниве денови пристигнуваат по 30-тина барања од граѓаните за корегирање на високите сметки од ЕВН, потврди денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимоски и најави дека ќе направат притисок постоечките броила да бидат заменети со броила со далечинско отчитување за во иднина да нема проблеми со фактурите за потрошена електрична енергија.

-До минатата недела имавме околу 150 реакции, а сега околу 30-тина реакции на ден. Тоа се граѓани кои не доставиле реакција до ЕВН или решиле директно да се обратат до РКЕ. Ние во истиот ден ги препраќаме реакциите до ЕВН и за најголем дел од нив, ЕВН писмено не известува дека ќе ги корегира фактурите соодветно на доставените податоци, изјави Бислимоски.

Тој нагласи дека вчера разговарале со Електродистрибуција, која е оператор на електродистибутивниот систем, за поставување броила со далечинско отчитување во целата држава. Во Општина Гостивар веќе е започнат пилот-проект и сите поставени броила ќе се менуваат со броила со можност за далечинско отчитување, а по добивањето на првичните резултати и анализи се очекува да биде спроведен и на територијата на целата држава.

-Во наредниот период ќе направиме поголем притисок на Електродистирбуција да почне процес на заменување на постоечките броила со броила кои имаат можност за далечинско отчитување. Веруваме дека на тој начин ќе немаме вакви проблеми во отчитувањето на потрошената електрична енергија. Броилата нема да бидат на трошок на граѓаните, туку наш трошок на компанијата како основно средство кое потоа РКЕ го зема во предвид при определувањето на цените, потенцира Бислимоски.