Рено ги одложи разговорите за соединување со Фиат Крајслер
Француската автомобилска компанија „Рено“ денеска ги одложи разговорите за соединување со италијанско – американската компанија „Фиат Крајслер“ (ФЦА), иако Управниот одбор на „Рено“ вчера, по состанокот во своето седиште, во близина на Париз, соопшти дека одлучиле денеска повторно да се сретнат и да ја разгледаат понудата на компанијата „Фиат Крајслер“ за соединување.
По неколкудневни преговори, „Фиат Крајслер“ предложи „трансформативен“ договор за спојување со француската автокомпанија „Рено“.
Италијанско-американскиот гигант претходно соопшти дека со таа спогодба ќе се создаде производител на автомобил што ќе продава 8,7 милиони возила годишно, на сите клучни пазари.
– Благодарение на новите технологии, таквата компанија ќе има и до пет милијарди евра годишна заштеда. Широкото и комплементарно портфолио на двата бренда ќе овозможи целосна покриеност на пазарот, од луксуз до секојдневие, се наведува во соопштението на ФЦА.