„Рекет“ ја повлече политиката на дното


Фото: Б. Грданоски

Случајот со „Дијамед“ вчера за момент го сврте политичкиот дискурс во земјава, кој со недели и месеци е насочен кон аферата „Рекет“ и крајот на Специјалното јавно обвинителство. Институцијата што беше формирана пред четири години за ја пополни празнината со партизираното редовно обвинителство, го одзеде целото внимание и енергијата на политичките играчи па се добива впечаток оти сѐ друго е замрено. Реформите и мерките што треба да ни го олеснат животот и патот кон Брисел се ставени во втор план, а и таму каде што ги има – не можат да дојдат до израз од информациите и лажните вести околу Боки, Катица и „специјалните“.
Власта со сите сили се обидува да докаже оти не е исто како во времето на Никола Груевски, па сега секој одговара за стореното без оглед чиј е и од каде е, а опозицијата максимално се труди да покаже оти единственото нешто што е сменето во изминатите три години – е тоа што Груевски веќе не е на чело на државата. За конструктивност, размена на предлози и борба со идеи меѓу политичките субјекти е доцна.
„Генералната чувство во земјава е оти имаме отсуство на демократија и владеење на правото. За жал, тоа чувство никако да нѐ одмине“, вели поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски.
Според него, денеска имаме состојба во која комплетниот фокус на опозицијата е во можната дискредитација на правната држава и на Владата.


„Преку нивните познати методи, успеаја да го дискредитираат СЈО на чело со обвинителката Јанева, која, за волја на вистината, многу им помогна со своето однесување. Сега им останува истото да го направат и со Владата. Тоа го прават со цел да се амнестира одговорноста од поранешната власт, да се спасат од случаите на СЈО и најважно можеби, да се направи линија на равенство меѓу нивното владеење и ова актуелното во моментов. Владата, пак, целата своја енергија ја вложува во докажување оти е чиста во случајот ‘Рекет’, па затоа сега имаме непотребен натпревар околу тоа која партија повеќе крадела и лажела, наместо да гледаме кој е поуспешен и кој може да ја повлече државата напред“, коментира лидерот на НСДП.
Според Петковски, доколку имавме повеќепартиска демократија, до оваа рашомонијада не би дошло.
„Ќе имавме поголема контрола и одговорност, но ние и натаму форсираме еднопартиски систем, каде двете најголеми партии само се менуваат во власта, односно во опозиција. Затоа, НСДСП и другите помали партии инсистираме на изборен модел што ќе ја репрезентира волјата на граѓаните и ќе придонесе за вистинска парламентарна демократија каде личните интереси нема да бидат во преден план како досега“, заклучува Петковски.
Аналатичарот Здравко Савески смета дека аферата „Рекет“ е толку голема што ако ова беше период на мобилизација на граѓаните, власта ќе беше во сериозна опасност да падне.
„Сета нивна среќа е што крајно ги разочара граѓаните и тоа толку многу за во скорешна иднина да не излегуваат на протести“, смета Савески. Тој вели дека јасно се гледа оти власта ги има вложено сите свои ресурси и внимание со цел да ја минимизира својата вмешаност во случајот.


„Тоа дополнително го зголемува нивното неработење во корист на граѓаните. И досега власта не ги исполнуваше своите обврски, потфрли во реализацијата на капиталните инвестиции, впечаток е дека премногу лежерно и ноншалантно ја практикува власта, но сето ова со аферата ‘Рекет’ дополнително го зголеми проблемот. И се продолжи практиката која во Македонија трае речиси 30 години, каде што главниот акцент е ставен на создавањето впечаток во јавноста оти нешто се работи отколку навистина да се работи“, констатира Савески.
Политичкиот натпревар со навредување, омаловажување и изнесувањето шпекулации и неосновани обвиненија сега добиваат легална форма откако партиите го научија прашалното зборче „дали“. Со него сега комотно се излегува на прес-конференција и се поставува каква било небулоза во форма на прашање без притоа да сносиш кривична одговорност, бидејќи ти само прашуваш, а не тврдиш.
Во тоа предничи опозицијата, иако и власта не е за потценување.
Тргнувајќи од феноменот на дезинформациите и лажните вести како дел од предизвиците на демократијата и како алатка која се користи за манипулација на граѓаните, и имајќи ја предвид злоупотребата на технологијата за креирање лажни ентитети и непостоечки измислени случувања кои вршат сериозен упад во демократските и изборни процеси и сериозно се закануваат да влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите, во Владата завчера се одржа првиот конститутивен состанок на Акциската група за координација на институциите на државата за борба против дезинформации и напади на демократијата. Надлежните констатираа дека Македонија во изминатите две години во повеќе наврати се соочи со масовно ширење на лажни вести и дезинформации. Дел од дезинформациите биле споделувани и од териториите на други држави.
Еден ден подоцна, најголемите партии повторно си разменија десетина соопштенија полни со препукувања, во кои се бараше одговор дали Орце Камчев ја финансирал кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, колку пари потрошило СЈО да ги штити интересите на СДСМ, дали лозарите добиле пари за лозјето, зошто власта не сакала да се расправа во Собранието за Јанева, дали и колку пораснала просечната плата…

Горан Адамовски