Регулаторната комисија за енергетика бара помал буџет за осум проценти


За осум отсто или за околу 7,5 до 8 милиони денари намалување на својот буџет, бара Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) со Предлог-финансискиот план за 2021 година.

Како што рече денеска претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски пред собраниската Комисија за економски прашања, образложувајќи го Предлогот, намалување има за секоја ставка од трите главни категории на трошоци, освен во некои поткатегории каде трошоците се зголемени, а тоа единствено се однесува само на активностите поврзани со заштитата на вработените.

-Бараме да ни се намали буџетот за осум проценти. Непредвидените расходи се анулирани во целост, од планираното до реализираното за 2020-та, а за 2021-ва се скратени 50 отсто. Набавката на мебел е намалена за 40 проценти, ќе се купи само тоа што е потребно и што било планирано уште во 2004 – 2005 година, истакна Бислимоски.

Тој потсети дека РКЕ излезе на слободниот енергетски пазар и дека вкупните трошоци за набавка на електрична енергија се намалија во однос на 2021-ва, а има и пониски цени во споредба со регулираниот пазар.

-Во 2020 година останавме регулаторно тело во рамки на Енергетската заедница кое трет пат по ред е на прво место и е прогласено за најдобар регулатор. Исто така, остваривме комуникација со регулаторните тела од соседството, вклучувајќи ги Бугарија и Грција. За годинава клучни приоритети се завршување на иницијативата на нашиот предлог за мапирање што го почнавме во соработка со сите градежни комори и со кој бараме во сите градови да се знае точно во кои делови кој енергенс ќе биде достапен и на кој енергенс ќе може да се греат граѓаните. Почнавме и иницијатива за зголемување на опфатот на ранливите категории потрошувачи, врз основа на која, веруваме, до крајот на април и почетокот на мај ќе има конкретен предлог, нагласи Бислимоски.

Пратеникот Зоранчо Јованчев укажа дека вака изнесената проекција на РКЕ ја сфаќа како потреба од вработување партиски војници. Расходите за плати и надоместоци на плати во 2021 година, според Предлог-финансискиот план би се зголемиле за 12,53 отсто во однос на лани, укажа Јованчев.

РКЕ планирала да вработи 50 луѓе во 2020 година, но тоа, рече пратеникот, поради корона кризата не е реализирано.

-Ја немате наведено потребата од зголемување на бројот вработени. Ова, од мој аспект, можам да го сфатам дека имате налог од „Бихаќка“ дека треба да вработите партиски војници и затоа планирате зголемување на бројот вработени во 2020 и 2021 година, истакна Јованчев.

Карактеристично е, дополни, што бројот на вработени во РКЕ секоја година рапидно се зголемува.

-Вкупниот број вработени во РКЕ во 2019 година бил 30 лица. Лани бројот се зголемил за 33,33 отсто, а според планот за 2021-ва, ќе се зголеми за цели 53,33 отсто во однос на 2019-година. Евидентен е податокот дека расходите за плати и надоместоци на плата се најголем дел од вкупно планираните расходи. Вкупните планирани расходи изнесуваат 79.184.376 денари за 2021 година, а планираите расходи за плати и надоместоци на плати 49.436.676 денари или од околу 80 милиони вкупни расходи, за плати и надоместоци на плати отпаѓаат 50 милиони, нагласи Јованчев.

Бислимоски на ова одговори дека вработувањата се заради зголемувањата на надлежностите на РКЕ.

-Да престанете РКЕ да ја сатанизирате и да вршите врз неа политички притисок. Го намалуваме буџетот и пак имате забелешки. Да расчистиме некои работи за вработувањата во РКЕ. Кога дојдов на раководната позиција, во РКЕ имаше само еден електроинженер. Сметате дека е нормално во регулаторно тело кое определува цени на електрична енергија и се грижи за квалитетот да има еден електроинжер? Добивме надлежност да утврдуваме цени за водни услуги, а сектор не беше отворен. Не сме фабрика за да има трошоци за друго, освен за плати. Уште за зградата во која сме, немаме употребна дозвола. Не е во ред да се однесувате на овој начин со регулаторно тело кое покажува резултати. Најдете друго регулаторно тело кое три години по ред е најдобро во регионот и кое ги исполнува истите критериуми како регулаторните тела во ЕУ, истакна Бислимоски.

Комисијата за економски прашање не се изјасни за Предлог-финансискиот план на РКЕ за 2021 година зашто претседателот ја прекина седницата со образложение дека во истата сала треба да заседава Комисијата за финансирање и буџет. Продолжението на седницата, напомена, ќе биде дополнително закажано.

Членовите на Комисијата претходно ги разгледаа сите точки од дневниот ред и дадоа зелено светло да поминат во натамошна собраниска постапка. Остана уште Предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија за 2021 година.