Марили бизнис форум: Жените бизнисменки со поттик за екосвест и циркуларна економија


Агенција „Марили“ , годинава, традиционално по 28-ми пат ќе ги награди најуспешните жени менаџери од земјава и регионот на 18.05.2024, кои со својата работа и труд, како и според препораките на колеги, менаџери и клиенти оставиле печат во нивниот работен век, а особено изминатата година.

Годинава дури 13 менаџерки ќе бидат наградени и ќе добијат стауетка „Жена водилка“, од кои се 10 од Македонија, а три од Р. Србија и Р. Хрватска.

Манифестацијата ќе се одржи во прекрасниот амбиент на „Панорамика Дизајн Хотел“ во Скопје.

На манифестацијата менаџерките, гоститите од државните институции и реалниот сектор, како и почитуваните гости од дипломатијата, покрај свеченото прогласување на жените менаџери, ќе имаат можност да ги слушнат прекрасните изведби на врвниот мецосопран Александра Коцевска и придружникот на пијано… и да уживаат во оригиналните и лирични најави на единствената Ели Танасковска.

Воведно обраќање ќе имаат Александра Наќева Ружин, специјален советник на министерот за финансии, и секако, генералната менаџерка на агенција „Марили“ , организатор на манифестацијата и неуморен борец за промоција и афирмација на жената во бизнис секторот, г-а Лидија Трипуноска.

Целта на манифестацијата, покрај ревијалниот карактер е поттик за идните млади генерации, особено девојки, да се охрабрат, да веруваат во себе, и со знаење, постојано надградување и чесност да чекорат бодро низ сите животни предизвици и да успеваат на сите полиња. Секако, нивната борба за родова рамноправност во општетсвото и бизнисот да им биде водилка низ животниот век, за бидат пример и поттик за генарациите кои доаѓаат по нив.

За Бизнис Каталогот на Р.С. Македонија

Бизнис Каталогот на Р.С. Македонија 2024 година е бизнис списание кое годинава е издадено по 28 пат, традиционално. Бизнис каталогот е единствен проект кој се бави со промоција и афирмација на женското менаџирање и претприемаштво и трае речиси три децении, без прекин, дури и во ковид-пандемијата, а во минатото беа печатени и по два броја/две изданија годишно.

Бизнис Каталогот е единствениот англиско-македонски проект од ваков тип во земјава, па и пошироко. Каталогот го промовира најдоброто од Македонија на економски, еколошки и културен план.

Во него може да прочитаат бројни интервјуа со менаџерки, претприемачки, директори, амбасадори, претседатели на државни институции, гувернери, бизнис елитата, врвни македонски уметници, спортисти, режисери итн.

Секоја година е тематска, а оваа година Воведниот дел на Бизнис каталогот го носи насловот: „Екосвест, чиста животна средина и здрава храна – клучни сегменти за развој на општествотo“, а низ речиси сите интервјуа се застапени одговори на прашања поврзани со циркуларна економија, управување со отпад, здрава храна, иновации и нови технологии, како и автоматизација и дигитализација во областа на човечки ресурси.

За „Марили Бизнис Форум“

Годинава, на 18 мај 2024 година, со почеток од 10 часот, во „Панорамика Дизајн Хотел“ ќе се одржи третиот по ред регионален „Марили Бизнис Форум“.

Овогодишната тема е „Екологија и здрава храна – фактори за одржлив развој“. Модераторите, како и панелистите од реномирани и докажани македонски и регионални компании, во три панел сесии ќе се обидат да дадат одговори на многу прашања и да понудат нови идеи и решенија.

Секако вовед во сесите ќе биде анализата за „Климатските промени и зеленото кредитирање од перспектива на Народната банка“, изготвено и презентирано од советник на гуверенерката на НБРСМ.

Првата панел сесија е насловена „Циркуларна економија – нови бизнис модели и практики, втората панел сесија е посветена на „Здрава храна – тренд или предуслов за здрав живот и економски развој, додека пак третата, последна сесија е насловена „Автоматизација и дигитализација во областа на човечките ресурси“

Гости на Форумот се и членките на Марили Бизнис Клуб, кој го сочинуваат најдобрите жени менаџери, кои биле дел од наградените во изминатите години. Тие дааваат поддршка на сите проекти на „Марили“, едукативни, хуманитарни, и го поддржуваат јакнењето на лидерството.