Евростат: Граѓаните на ЕУ го оценија задоволството од животот со 7,1


Во 2022 година, граѓаните на Европската унија го оценија своето задоволство од животот во просек со 7,1, на скала од 0 (воопшто не се задоволни) до 10 (целосно задоволни), според истражувањето објавено од Евростат.

Оваа оценка е пониска од оценката од 7,3, која беше во 2018 година и сега е приближно иста како и во 2013 година, кога граѓаните на ЕУ го оценија своето задоволство од животот со 7,0.

Луѓето генерално се позадоволни од нивните лични односи, кои ги оценуваат во просек со 7,8, отколку од состојбата на нивните финансии, кои ги оценуваат со 6,6.

Истражувањето за 2022 година покажа дека задоволството од личните односи и сопствените финансии се зголемува со нивото на образование.

Високообразованите ги оцениле своите лични односи со просек 8,0 и материјалната состојба со 7,1, додека лицата со понизок степен на образование ги оцениле своите лични односи со оценка 7,6 и нивната состојба со оценка 6,0.