Реакција на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија на изјава на професорот Иван Динев Иванов


Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, денеска реагираа на изјави на професорот Иван Динев Иванов, со кои се прави обид да се искривува историската вистина на улогата на тогашните фашистички бугарски власти во холокаустот врз Евреите во Македонија за време на Втората Светска војна. Реакцијата ја пренесуваме во целост:

По вчерашната изјава на професорот на Универзитетот во Синсинати САД, Иван Динев Иванов, кој воедно е државјанин на САД и Бугарија, дадена во емисијата „На кавга со Иван“ која се емитуваше на Канал 5 телевизија, Еврејската зедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија со индигнација ги отфрлаат инсинуациите и лажните тврдења дека во постојаната поставка во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија се користат монитирани фотографии, документи и филмови, и дека Меморијалниот центар на холокаустот е место од каде се врши искривена
пропаганда, за улогата на Бугарија во депортацијата на Евреите од Македонија.

Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, го чува споменот и е посветен на 7.144 Евреи од Македонија кои беа брутално прогонувани, понижувани, етикетирани, ограбени и депортирани во смрт од страна на тогашните бугарски фашистички власти. Би сакале да напоменеме дека во креирање и изградба на постојаната изложбена поставка во Меморијалниот центар учествуваа реномирани светски историчари од ерата на холокаустот кои своите истражувања, превземање и откуп
на архивски материјал ги правеа во архивите на Меморијалјиот музеј на холокаустот во Вашингтон, САД, Јад Вашем во Израел и други архиви.

Обидите на проф. д-р Иванов за искривување на историската вистина и улогата на Царска Бугарија во холокаустот на Евреите од Македонија се скандалозни, пред се за еден професор кој треба на своите студенти да им ја пренесе вистината за историските настани, а не да се става на страната на официјалното искривување на историската вистина за холокаустот од одредени бугарските политичари и историчари, кои се одвиваат во континуитет.

Ние, Евреите од Македонија, нема да дозволиме никакво искривување на историјата во дневно политички цели. Нема да дозволиме да се заборави каде и како завршија 7.144 Евреи од Македонија, само затоа што се поинакви по вера и традиција од ариевската раса, само затоа што некој сака да ја стави под килим својата негативна историска улога. Фактот дека Бугарија беше соучесник во едно од најголемите злосторства во историјата на човештвото не може да се избрише, па тоа да е и обидот на проф. Иван Динев Иванов, се вели во реакцијата на Еврејската заедница во Република Македонија, потпишана од претседателот Пепо Леви и од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, претседател Иван Николиќ.