Разликата за датумот за изборите неколку денови, продолжува политичкото тактизирање


Советот за безбедност в сабота на пладне во претседателската вила „Водно“ ќе одлучува за евентуалното продолжување на вонредната состојба. Сабота е последниот ден кога истекува третата – двонеделната вонредна состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 15 мај.

Пендаровски ќе го свика Советот за безбедност в сабота, без оглед дали ќе има ново барање од Владата за продолжување на вонредната состојба.Премиерот Оливер Спасовски вчера изјави дека Владата до крајот на неделата ќе одлучи дали ќе има прогласување нова вонредна состојба која, како што рече, е потребна пред сé за спроведување на економските мерки.

– Ако имаме потреба врз основа на анализите дека треба да се прогласи вонредна состојба уште некој ден за справување со економските последици, тоа ќе го направиме и кога ќе заврши вонредната состојба, по 22 дена ќе се одржат изборите, истакна Спасовски по посетата на Карбинци.

Партиите, пак, се уште се без договор за датум за избори. Нема најава за нова лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, откако на двете претходни не беше постигнат договор за терминот за изборното соочување.

Според претседателот на СДСМ Зоран Заев, државата има потреба од избори во првиот можен термин за да го дочекаме новиот бран на коронавирусот на есен целосно подготвени.

– На граѓаните и на државата им требаат институции со целосен легитимитет за да создадат услови за новата нормалност, со полн капацитет да го заштитиме здравјето на граѓаните и да ја рестартираме македонската економија, објави Заев на фејсбук.

Ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е непромент – брзи избори не се прифатливи и најважно е здравјето на граѓаните. СДСМ, како што велат, сака избори по секоја цена само за да го намали неизбежниот пораз. Тие не се против избори, но во соодветен термин. Потврдуваат дека постои канал на комуникација, но епилогот засега е неизвесен.

-Ако не успееме да постигнеме консензус околу датумот за одржување на изборите, ќе испратиме порака дека немаме функционален демократски дух, што би можело да е на штета на државата, оцени вчера Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.Затоа, да не носиме непромислени потези, да се однесуваме разумно, во интерес на државата, во интерес на нејзините граѓани, рече Муцунски.

Говорејќи околу можниот датум за изборите Муцунски смета дека тие треба да се одржат до крајот на летото, но притоа да се внимава гласачите да имаат чувство на безбедност по сопственото здравје.

Според МКД.МК од ВМРО-ДПМНЕ предложиле на избори да се оди 15 дена откако резултатите за новозаразени лица со ковид-19 бидат под 10 во низа од 14 дена. ВМРО-ДПМНЕ смета дека дури тогаш ќе може веќе да се зборува за ослабување на епидемијата и за можност од организирање избори. Од партијата велат дека бојкотот на изборите како опција останува ако СДСМ остане на тоа дека треба да се организираат брзи избори и покрај тоа што бројот на новозаразени не опаѓа.

Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, во вечерашното гостување во емисијата „Патот кон“ на Алсат пак рече дека разликите околу датумот за одржување на изборите помеѓу владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, се мали и се сведени на неколку денови или недели.

Вицепремиерката адмила Шекеринска вчера порача дека ни се потребни избори што е можно поскоро за да функционираат државата и институциите.

– Мојот став е дека избори треба да организираме час поскоро затоа што ни треба држава и институции со полн капацитет за да им помогнеме на фирмите да преживеат, да им помогнеме на граѓаните кои ќе бидат во потешка  социјална и економска ситуација, ни требаат закони, ни требаат пари и од странство, а за сите тие работи ни треба функционално Собрание. Мојот став е час поскоро и дефинитивно пред почетокот на летните  месеци треба да ги организираме  изборите, изјави Шекеринска, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Кичево.

Ова, како што рече, не се избори кои треба да бидат по „ќеифот“ ниту на СДСМ, ниту на ДПМНЕ, туку се избори што треба да и овозможат на државата да функционира како часовник, а не да функционира со половина капацитет.

Случувањата околу изборите и преговорите меѓу власта и опозицијата се следат во Брисел од каде порачуваат дека е потребен консензус бидејќи техничката влада „не може вечно“ да трае.

-Разумно е да се размислува за избори, не може вечно да има техничка влада, но секако изборите треба да се одржат доколку условите се исполнети, велат за МИА високи функционери од Европската Комисија

Од Брисел, како и во европските престолнини, се укажува дека без функционално собрание и демократски избрана власт, во време на криза кога треба да се носат суштински одлуки, сите политички партии треба сериозно да се посветат на преговорите и да одредат датум за избори, на консензуален начин.

Бојкот од една или друга страна, непризнавање на резултатите, се сценарија кои мора по секоја цена да се избегнат, коментираат во институциите на ЕУ, посебно со оглед на фактот дека од јуни проширувањето ќе се врати на дневниот ред на Унијата, со објавувањето на преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија.