Разбивач на камења во бубрези поставен во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“


 На Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје инсталирана е нова опрема со што се подобруваат здравствените услуги во оваа установа.   

На Одделот за урологија опремени се посебни простории и првпат е инсталиран нов современ апарат за литотрипсија – од германскиот производител „Dornier MedTech GmbH“, во вкупна вредност од 42 милиони денари.   

– Станува збор за апарат за екстракорпорална литотрипсија, со минимално инвазивна процедура за разбивање камења во бубрег и во уринарниот тракт со серија ударни бранови, кои се насочени со помош на рентген или ехо апарат. Целта на постапката е да се скршат камењата на помали парчиња, кои потоа полесно поминуваат низ уринарниот тракт. Со овој апарат, се отвораат можности за третман на калкулоза во горниот уринарен тракт, истакна министерот за здравство Фатмир Меџити.  

Се очекува годишно да се третираат стотина пациенти со оваа патологија. Тие, по интервенцијата би се задржале само еден ден, или пак, истиот ден би се пуштале дома.

-Исто така, денеска го промовираме и новиот апарат за мамографија со томосинтеза и стереотактична биопсија на дојка, инсталиран во новиот оддел за радиодијагностика во кој имаме два кабинети за дојка. Инсталиран е и нов ултразвучен ехо колор доплер за ЕХО на дојка, со што истовремено ќе се врши мамографија и ЕХО на дојка. Томосинтезата на дојка, наречена и тридимензионална мамографија или дигитална томосинтеза на дојка е напредна мамографска техника на снимање на дојката и претставува револуционерен напредок во дијагнозата на рак на дојка, посочи Меџити. 

Предноста на томосинтезата на дојката е што ткивото на дојката се испитува слој по слој, а радиологот добива појасна слика за секој слој на дојката, бидејќи се отстрануваат ефектите од преклопување на ткивата.  

-Користењето на томосинтезата како дополнителна алатка при скрининг ги зголемува стапките на откривање канцерогени промени, со што се подобрува ефикасноста на програмите за скрининг за рак на дојка. Ја користам оваа прилика да потсетам дека и годинава продолжува националната скрининг програма за рано откривање рак на дојка и истовремено апелирам, закажаните термини за мамографија да се почитуваат, или во спротивно, да се откажат од страна на пациентот, со што ќе се отворат термини за нови пациенти, нагласи министерот.