Расте бројот на загинати во нападот врз центарот за мигранти во Триполи


Најмалку 60 луѓе загинале во воздушниот напад врз центарот за мигранти во либискиот главен град Триполи, јави Ал Џезира.

Мисијата на ОН во Либија претходно соопшти дека во нападот загинале најмалку 44 луѓе, а 130 биле ранети.

Според претставник на центарот, нападот бил извршен од силите на Халифа Хатар кои од пред три месеци се обидуваат да го заземат Триполи.

Пратеникот на ОН за Либија Гасан саламе го осуди нападот, за кој рече дека „достигнува ниво на воено злосторство“.

По нападот, УНХЦР побара мигрантите, кои се обидуваат да го преминат Медитеранот, повеќе да не се враќаат во Либија.

Во Триполи е базирана меѓународно признатата влада на национално единство на премиерот Фаез Сараџ. Во момент на нападот во центарот имало над 120 мигранти.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш е огорчен поради воздушниот напад врз центар за мигранти во либискиот главен град Триполи во кој загинаа десетици мигранти и бегалци, и повика на итна независна истрага, изјави неговиот портпарол.

Гутереш исто така забележа дека точни координати на центарот за мигранти биле доставени на завојувани страни, изјави портпаролот на ОН Стефан Дујариц.

Советот за безбедност на ОН подоцна треба да се состане зад затворени врати во врска со нападот во Либија, потврдија дипломати во Њујорк.