Расколот заврши – почна интеграцијата на црквата ПОА во МПЦ-ОА

Црквата на митрополитот Јован ќе добие некои епархи, или ќе бидат изменети границите на сегашните. Целосната интеграција ќе заврши со Соборот на СПЦ


Фото: Б. Грданоски

 

Почна процесот на интеграција на ПОА во МПЦ-ОА, донесени се неколку одлуки, кои е потребно да се усогласат со СПЦ, а потоа за нив ќе биде информирана и јавноста, изјави денеска митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, по завршување на седницата на Светиот архиерејски синод, на која се расправаше за обединувањето со Православната Охридска архиепископија на митрополитот Јован, со што треба да се финализира договорот меѓу македонската и српската црква. ПОА беше формирана во 2002 година по склучениот, а потоа раскинат Нишки договор меѓу СПЦ и МПЦ. Јован тогаш беше митрополит повардарски во рамките на МПЦ.

„Денеска заседаваше Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА во полн состав, со мал исклучок на неколку архиереји, кои се во странство и еден архиереј, кој не можеше да дојде, но имаше свое полномошно за да се гласа доколку има потреба, но бидејќи одлуките се носеа главно едногласно, без никакви издвојувања, денеска почна процесот за интеграција на ПОА  во МПЦ-ОА“, изјави владиката Тимотеј.

Биле донесени неколку одлуки поврзани со поделбата на епархиите, кои за јавноста ќе бидат познати по усогласувањето со српската црква.

Целосната интеграција Тимотеј очекува да се случи за време на Соборот на СПЦ, кој треба да почне на 14 или 15 мај.

Одговарајќи на новинарско прашање владиката Тимотеј рече дека на седницата не се говорело за административното име на МПЦ.

„Нема што да се зборува, тоа останува, независно кој како сака да нѐ нарекува“, рече Тимотеј, додавајќи дека околу тоа нема поделени мислења во Синодот. 

Порталот Религија.мк вчера објави дека постои начелен договор со СПЦ околу тоа како да бидат интегрирани владиците на ПОА и кои епархии ќе им бидат дадени. Се очекува тоа да биде направено со прераспределба на постојните епархии на МПЦ-ОА. Заокружувањето на процесот на интеграција би значел и формално згаснување на ПОА и нејзино целосно приклучување и обединување со МПЦ-ОА како единствена македонска автокефална црква.

Македонската православна црква-Охридска архиепископија на територијата на земјава и во дијаспората е организирана во 12 епархии, од кои осум се во државата, а четири се во дијаспората.

По повеќе од половина век, минатата година СПЦ ѝ додели статус на целосна независност на МПЦ-ОА по заедничка литургија во Белград. Ова следеше, откако на 9 мај на заседание на Светиот Синод на Вселенската патријаршија, предводен од вселенски патријарх Вартоломеј се донесе одлука за отстранување на повеќедецениската шизма наложена врз древната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ. Тоа значеше дека Вселенската патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа. Тогаш се остави на СПЦ да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и МПЦ.

На 24 мај српскиот патријарх Порфириј сослужувањето на заедничка литургија со aрхиепископот Стефан во Соборниот храм во Скопје. Тогаш Порфириј одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА. А на 5 јуни минатата година СПЦ го официјализираше прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Српскиот патријарх Порфириј му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА Стефан, со кој се потврдува одлуката на СПЦ.