Рашковски од Шутка ќе размислува и за смс-пораките и за ситуацијата во која се најде


Работите за Драги Рашковски, поранешниот генерален секретар на Владата, за неколку дена станаа покомплициран и понеизвесни, а застанувањето пред суд како обвинет стана речиси сосема сигурно. Кривичниот совет на Кривичниот суд ја прифати жалбата на Обвинителството за организиран криминал и корупција во истрагата за набавка на контроверзниот софтвер за сообраќајни прекршоци, кој никој не го користи. Сега во Истражниот затвор во Шутка Рашковски може да размислува и за ситуацијата во која се најде, и за сомневањата на обвинителството за наводните криминали, за иритирачките изјави од Мексико, но и за невнимателноста во групата која се гони.

Порталот „Сдк“ вечерва објави интересни детали како дошло до усвојувањето на жалбата на обвинителството, во која можеби најскокотлива е наводната смс-порака на Рашковски до четвртоосомничениот: „Слушај, изразувај се стручно, овие се глупи, ништо нема да те разберат“. Наводно, тој не успеал да го преформатира телефонот и истражителите дошле до оваа порака. Другите работи изгледа се потешки за Рашковски. Како што наведува „Сдк“, обвинителите извршиле и претрес во канцеларијата на Рашковски на Правниот факултет на УКИМ (тој беше професор таму пред да премине во Владата) затоа што таму инкриминираната фирма „Инвока“ имала компјутери во кои се наоѓал софтверот за прашањата за кандидатите за Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Од други извори дознаваме дека ваквиот софтвер бил користен и за други институции каде кандидатите ги полагаат испитите дигитално.

По отворањето на целата афера со софврерот која ја објави „360 степени“ и истрагата целата ситуација за Рашковски стана неиздржлива, а самиот тој придонесе со двонеделниот пат во Мексико. Неговите објаснувања беа недоволни, па оставката како советник во Владата беше неизбежна откако се појавија и други податоци за неговиот брзо стекнат имот.

Драги Рашковски е највисокиот функционер на оваа Влада за кого по истрагата е одреден и ефективен притовр. Освен за Рашковски куќниот притвор е заменет со сместување во Шутка и за второосомничениот, сопственикот на фирмата „Инвока“ Даниел Станчески. Другите две осомничени лица добија поблаги мерки на претпазливост, забрана за напуштање на живеалиштето и одземање на патните исправи. (Н.В.)