Рама: Првпат во историјата во Албанија нема недопирливи, благодарение на независното судство
Првпат во историјата на земјата нема недопирливи. Имаме под истрага или осудени лица со политичка моќ, како резултат на независниот судски систем, изјави денеска албанскиот премиер Еди Рама.
Во поткастот „Фласим“ (Зборуваме) премиерот се фокусираше на реформите во правосудството, со кои Албанија напредуваше и пред европските партнери“.
– Направивме целосно ослободување на судството од политиката и создадовме нови сили во рамките на судството, како СПАК, Специјалниот суд и така натаму, за борба против корупцијата. Бидејќи сме на власт имаме должност да ја практикуваме власта чесно, ефикасно и слично, но не сме имуни. Дефинитивно во целата маса на оние кои практикуваат моќ имаме ранливост и можност да бидеме погодени. Првпат во историјата на земјата, имаме луѓе поврзани со политичката моќ, со Владата или со оние кои биле на власт, кои се под истрага или осудени од независни судови, наведе Рама.
Тој, зборувајќи за преговорите со ЕУ, потсети дека Албанија го „поставила првиот систем за вештачка интелигенција за трансфер на законите на ЕУ во законодавното тело на Албанија“.
– Всушност, она што Хрватска, која беше случај за пример, обемот на превод и трансфер го направи за седум години, ние ќе го постигнеме за 2,5 години. Работевме со план. ЕУ има внатрешна динамика и тие се непредвидливи, но во моментот кога ќе ја отворат вратата ќе бидеме таму подготвени, нагласи Рама.