Ралев: Во Универзална изгорел отпад од стариот објект


Во пожарот што во вторникот ја зафати Универзална сала, која беше во прва фаза од реконструкцијата , изгорел отпадниот материјал што по спојувањето на новите конструктивни елементи требаше да се извади, вели за Телма, архитектот, професор и претседател на Асоцијацијата на архитекти, Мишко Ралев. Овие информации тој ги базира на сознанија од терен и демантира дека изгорел објектот до темел, како што во јавноста се говори деновиве.

-Во овој пожар, всушност од она што го знам од колеги и од присутни таму, е дека изгорел отпадниот материјал , кој што и онака по завршување на спојувањето на конструктивните елементи требаше да се извади. Што значи дека тоа е градилиште на Универзална сала, вели архитектот Мишко Ралев.

Од аспект на архитектура и конструкција, на локацијата нема објект, туку беа поставени основните конструктивни елементи, смета Ралев.

Според него не може да се каже дека пожарот можел да се избегне ако реконструкцијата не беше запрена две години, зашто огнената стихија е немил инцидент чии причини треба да ги откријат надлежните. Тие треба да кажат дали има потреба од санација на  новата конструкција зашто пожар на отворен простор развива температура од 400 до 500 степени Целзиусови, вели Ралев.

-Што се случува со новата конструкција ? Тоа е најважно, вели Ралев.