Ракетата што ќе удри во Месечината ја изградила Кина, а не „Спејс Икс“
Астрономите велат дека грешката е направена поради тешкото следење во длабоката вселена
Експертите за астрономија велат дека првично погрешно ги прочитале тајните на ноќното небо: излегува дека ракетата што се очекува да удри во Месечината на почетокот на март ја изградила Кина, а не „Спејс Икс“.
Ракета навистина ќе ја погоди површината на Месечината на 4 март, но спротивно на она што беше најавено, таа не беше изградена од компанијата на Илон Маск, туку од Пекинг, велат сега експертите.
Сега се вели дека ракетата е 2014-065B, засилувач за „Чанг’е 5“, лансирана во 2014 година како дел од програмата за истражување на Месечината на кинеската вселенска агенција.
Неочекуваното објаснување беше објавено од астрономот Бил Греј, кој прв го идентификуваше идниот судар и ја призна својата грешка минатиот викенд.
„Оваа (искрена грешка) само го нагласува проблемот со недостатокот на соодветно следење на овие длабоки вселенски објекти“, напиша на Твитер астрономот Џонатан Мекдауел, кој се залага за поголема регулација на вселенскиот отпад.
„Објектот ја имаше светлината што би ја очекувале и се појави во очекуваното време и се движеше во разумна орбита“, напиша тој во објавата.
Но, „во ретроспектива, требаше да забележам некои чудни работи“ за неговата орбита, додаде тој.
НАСА кон крајот на јануари соопшти дека ќе се обиде да го набљудува кратерот што ќе се формира со експлозијата на овој објект, благодарение на нејзината сонда што орбитира околу Месечината.
Агенцијата го нарече настанот „возбудлива можност за истражување“. (АФП)