Путин одби да оди во Турција по потерницата од судот во Хаг

Рускиот претседател требаше да присуствува на стартувањето со работа на нуклеарна централа


 

Рускиот претседател Владимир Путин одлучи да не оди во Турција на церемонијата за полнење нуклеарно гориво во нуклеарната централа Акују. Путин ќе присуствува на настанот на 27 април преку видео врска, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за ТРТ Хабер.

На крајот на март, Ердоган го покани Путин лично да ја посети Турција. „Можеби господинот Путин исто така ќе пристигне на 27 април, или ќе се поврземе преку онлајн системот и, се надевам, ќе го направиме првиот чекор“, рече тој за стартувањето на нуклеарната централа за ТВ каналот А Хабер.

За подготовките за посетата на Путин извести и турското издание „Дик Газете“. Според него, било планирано Путин заедно со Ердоган да ги посети провинциите погодени од земјотресот и да разговара за руско-турското партнерство на различни полиња. Но, Москва побрза да објави дека одлуката за патувањето на Путин во Турција сѐ уште не е донесена.

Во средината на март, Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг издаде налог за апсење на Путин поради сомневање за воени злосторства во Украина. Поточно, тој и детскиот правобранител Марија Лвова-Белова се осомничени за незаконско депортирање на деца од окупираните територии на Украина во Русија.

Според налогот на МКС, Путин би можел да биде уапсен во една од 123-те земји кои го ратификувале Римскиот статут, по кој работи судот. Турција го нема ратификувано овој документ и не ја признава јурисдикцијата на судот во Хаг.

Кремљ ја нарече нуклеарката Акују во Турција важен проект за билатералните односи. На 27 април, треба да се достави нуклеарно гориво до градилиштето на нуклеарната централа и да биде ставено во складиште. Од тој момент станицата ќе стане нуклеарен капацитет, а Турција ќе стане земја со нуклеарна енергија.

Нуклеарната централа Акују ја гради руската компанија „Росатом“ на јужниот брег на Турција, во провинцијата Мерсин. Проектот предвидува изградба на четири енергетски блокови. Капацитетот на секој енергетски блок ќе биде 1.200 MW, а првиот од нив ќе биде пуштен во употреба веќе во 2023 година.

Вкупните трошоци за изградба достигнуваат 20 милијарди долари. Ердоган го процени придонесот на идната нуклеарна централа за турската економија на 6,5 милијарди долари. Нејзиниот работен век ќе биде 60 години со можност за продолжување за уште 20 години.