Путин најави блокада на западните ИТ-компании што сѐ уште работат во Русија


Москва – Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија ќе ги блокира услугите на западните информатички компании кои сѐ уште оперираат на нејзина територија, јави ДПА.

– Тие мора да бидат ограничени, рече Путин на средба со руски ИТ-претприемачи. Западот сака да ја задуши Русија, затоа мораме да возвратиме, додаде тој.

Путин најави и други мерки за заштита во економијата.

Изјавите следеа откако руските ИТ-претприемачи се пожалија дека домашните компании трпат загуби во милијарди долари. Русија и натаму е силно зависна од западни платформи како „Зум“ и софтверот на „Мајкрософт“. Путин најави и „ослободување на граѓаните од лоши навики“.

Москва веќе ја намали брзината на интернет за многу странски онлајн-услуги. Руските корисници, на пример, тешко можат да користат „Јутјуб“ без VPN, поради бавното вчитување на видеата. Како алтернатива, Русија развива сопствена платформа – RUTube.

„Фејсбук“ и „Инстаграм“, во сопственост на „Мета“ на Марк Закерберг, се класифицирани како екстремистички и се блокирани уште од почетокот на војната во Украина.

Властите блокираа и голем број VPN-услуги за да ги спречат корисниците да ги заобиколат ограничувањата.