Путин ја повика Украина на директни преговори без предуслови на 15 мај во Истанбул

Тој лично ќе се обрати до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, да ги организира преговорите


 Рускиот претседател Владимир Путин предложи Русија и Украина да одржат директни преговори, без предуслови, на 15 мај во Истанбул.

„Предлагаме властите во Киев да ги продолжат преговорите што ги прекинаа на крајот од 2022 година, да продолжат со директните преговори, без никакви предуслови. Предлагаме без одложување тие да започнат во четврток, 15 мај, во Истанбул, каде што претходно се одржаа и каде што беа прекинати“, рече синоќа Путин на прес-конференција.

Како што посочи, тој лично ќе се обрати до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, да ги организира преговорите.

Трамп за повикот на Путин за преговори: Потенцијално голем ден за Русија и Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа во врска со предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за директни преговори меѓу Москва и Киев, изјави дека тоа би бил „потенцијално голем ден за Русија и Украина“.

„Помислете на стотиците илјади животи што ќе бидат спасени ако се надеваме дека ова бесконечно „крвопролевање“ ќе заврши. Тоа ќе биде сосема нов и многу подобар свет. Ќе продолжам да соработувам со двете страни за да се осигурам дека тоа ќе се случи. САД сакаат наместо на тоа (војната) да се фокусираат на обнова и трговија. Пред нас е голема седмица“, објави Трамп на Трут Соушл. 

Европа му постави ултиматум на Путин

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и полскиот премиер Доналд Туск вчера беа во Киев. Тие разговараа по телефон со Зеленски и со американскиот претседател Доналд Трамп, а украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха го нарече разговорот „плоден“.

Тие му поставија ултиматум на Путин и го замолија да се согласи на 30-дневен прекин на огнот што ќе започне во понеделник, 12 мај. Доколку одбие, рекоа тие, западните земји ќе испратат уште повеќе оружје во Украина и ќе воведат нови „масовни“ санкции врз Русија.

Турција е подготвена да биде домаќин на преговорите меѓу Русија и Украина за прекин на огнот