Пуштен во употреба Балканскиот ток – Србија очекува дека тоа ќе поттикне нови инвестиции

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го отвори утрово, нешто по шест часот Балканскиот ток, новиот гасовод кај нашиот северен сосед. Овој гасовод води од бугарската до унгарската граница, а според Вучиќ, Србија преку гасоводот обезбедува енергетска стабилност и безбедност, што е важно за привлекување нови инвеститори.
Вучиќ изјави дека гасот се дистрибуира преку системот на примарен и секундарен гасовод. Како што известувааат српските медиуми набавната цена на гасот преку овој гасовод е до 155 долари, со многу пониски трошоци за транспорт отколку преку другиот гасовод преку кој досега се снабдуваат.
Тој потсети дека се доплаќаат дополнителни 30 американски долари за испорака на гас преку Украина и Унгарија до Србија, плус 18 долари за транспорт преку територијата на земјата.
„Само на овој начин трошевме 48 долари. И сега тоа ќе чини помеѓу 12 и 14 долари. Мислам дека ова се значителни заштеди. Стратешки, ова е многу важно за нас“, рече Вучиќ.
Имајќи ја предвид високата цена на изградбата на гасоводот, поволна околност, вели тој, е што заедно со партнерот ќе наплаќаат транзитна такса и со тоа ќе се платат тие трошоци.
„Со овој гас обезбедуваме енергетска безбедност и добиваме можност да привлечеме дополнителни инвеститори“, рече Вучиќ, додавајќи дека треба да се сторат уште многу работи, но ова гарантира поизвесна и подобра иднина.