Пумпна станица и спој на колекторскиот систем Илинден – Марино – ќе се приклучат уште 1.130 домаќинства

Во рамки на активностите за подобрување на комуналната инфраструктура во Општина Илинден, во употреба се пушта пумпна станица и спој на колекторскиот систем за Илинден и Марино.
-Поврзувањето се врши на претходно изградениот лев и десен колектор за фекална канализација кој е во вкупна должина од 10 километри и минува по должината на Главниот отворен одводен канал од влезот на населеното место Илинден до излезот на населеното место Марино. Спојот на двата колектора се изврши со изведување на градежни работи под нивото на отворениот одводен канал што претставуваше специфичен и тежок зафат за работа со кој отпадните фекални води од двата колектора се зафатија во еден препумпен уред и со потисен цевковод тие се изнесоа надвор од населените места кон делот каде ќе се гради нова пречистителна станица, информира Општина Илинден.
Градоначалникот Александар Георгиевски посочил дека изградбата на овој препумпен уред, кој е опремен со три потопни пумпи специјално дизајнирани за транспорт на отпадни води со висока ефикасност и сигурност, претставува еден од најмодерните и најнапредните пумпни станици во општината.
-Пумпите се способни да транспортираат отпадни води при најлоши услови во присуство на цврсти влакнести материјали и притоа да немаат никаков прекин во работата за разлика од конвенционалните потопни пумпи, дополнително истите имаат ниска потрошувачка на енергија, дури до 30%, истите се автоматски и користат паметна технологија за контрола на работниот процес. Овој проект е од капитално значење за општината бидејќи со неговата функционалност се зафаќаат отпадните води од населените места Илинден и Марино и дека токму инвестирањето во комуналната инфраструктура е од исклучителна важност за локалниот економски развој, како и унапредувањето и заштитата на животната средина со што се овозможува подобрување на квалитетот на живеењето во општина Илинден, се наведува во соопштението.
Од Општина Илинден додаваат дека изградбата на фекална канализација со пречистителни станици „останува еден од приоритетите во работењето на локалната самоуправа“.
-Со реализација на овие проектни активности комплетно ќе се реши зафаќањето, одводнувањето и третманот на отпадните фекални води со што ќе се овозможи приклучување на 1130 домаќинства, како и повеќе стопански субјекти и јавни општински установи. Средствата за реализација на овој проект се обезбедени од буџетот на Општина Илинден, информира Општината.