Протестираат вработените од битолскиот Завод за рехабилитација за деца со оштетен слух, нема плата за јули


(Фото: Апла.мк)

БИТОЛА – Вработените од Заводот за рехабилитација за деца со оштетен слух – „Кочо Рацин“ во Битола денеска протестираат. Се собраа во дворот на Заводот револтирани што платата доцни веќе 11 дена по законскиот рок за исплата. Станува збор за над 200 вработени кои се во исчекување и не ја знаат вистинската причина за доцнењето и неисплаќањето на јулската плата.

-Вработените се собравме заради револт од неисплатената плата. Сите училишта зедоа плата, а ние се уште немаме. Оваа се случува повеќе пати годинава да доцни платата што кај вработените предизвикува проблеми, околу плаќањето на режиските трошоци, каматите во банките“, се жалат вработени за „Независен“.

Вработените тврдат дека во континуитет не добиваат и пресметка од плата што им претставува проблем бидејќи немаат увид во финансиските средства.

-Бараме надлежните да проверат која е причината за доцнењето на платата. Целта на протестот е трајно решавање на проблемот, велат вработени.

Тие се сомневаат дека и денеска ќе земат плата оти така им било ветено и во петокот, па сметките биле празни.

Протестот се случува додека се уште е во тек огласот за вработување на 134 образовни асистенти, кои се ангажираат во ОУРЦ „Кочо Рацин“ Битола.

Директорката Валентина Стојкоска, кадар на СДСМ, која на оваа функција е уште од 2018 година, денеска не е во Заводот, но ни испрати порака дека е во Скопје во Министерството за образование. Таа вели дека плата ќе има уште денес, но дека вработените не и го најавиле протестот.

Од книговодственото биро со седиште во Битола, кое ги води книговодствените книги на Заводот велат дека проблемот околу доцнењето на платата се должи на ребалансот на буџетот, но и на извесни корекции на платите, со оглед на тоа што на сметката на Заводот биле пратени 2.000 денари помалку.

„Точно е дека законскиот рок за исплата на платата е до 15 ти во месецот, но на вработените им беше објаснета причината за доцнењето на платата. Два пати се поминати налозите за плата, но беше затекната ситуација заради ребалансот на буџетот. Сега налозите се поминати и вработените ќе си ги земат платите уште во понеделник, велат од книговодственото биро, и сметаат дека е неколегијално и дрско да се реагира на ваков начин, кога платата доцни само 11 дена. (А.Б.)