Пропаѓа шпанскиот брег – стотици плажи треба да се обноват
Шпанскиот брег никогаш не бил позагрозен од прекумерна изградба и растечките ефекти од климатските промени. Во извештајот насловен „Уништување по секоја цена 2026“, Гринпис идентификуваше 194 жаришта по должината на брегот каде што влошувањето е најизразено, објавува Euronews.
Студијата покажува дека повеќе од сто плажи имале потреба од вештачка реконструкција во 2025 година, што чинела 246 милиони евра. Гринпис ги опишува ваквите интервенции како сè поскапи и помалку трајни привремени решенија. Од вкупната инвестиција, 70 проценти биле во регионот Валенсија, а речиси 20 проценти во Андалузија.
Гринпис верува дека серијата од осум именувани бури минатата зима претставувала таканаречен последен тест за постојниот модел на управување со крајбрежјето, за кој велат дека не успеал. Како доказ, тие ги наведуваат поплавените куќи во Валенсија, срушените патеки во Хихон и Сан Себастијан, лизгањата на земјиштето на Тенерифе и бројните плажи кои останале без песок.
Најзагрозените области
Меѓу најизложените локации, Гринпис ја издвојува делтата на реката Ебро во Каталонија во североисточна Шпанија, која ја опишува како најранлива точка на Иберискиот Полуостров. Брегот на Националниот парк Доњана во Андалузија на југот од земјата, како и Ла Манга дел Мар Менор во регионот Мурсија на југоистокот од Шпанија, исто така се загрозени.
На листата се и Ла Рестинга де л’Албуфера во близина на Валенсија на источниот брег, плажата Кампосото во близина на градот Сан Фернандо во покраината Кадиз и брегот на Маспаломас на островот Гран Канарија, кој припаѓа на Канарските Острови.
Во извештајот, исто така, се наведува дека исчезнувањето на плажите директно ги загрозува работните места во туристичкиот сектор. Затоа, организацијата повикува на итна реставрација на крајбрежните екосистеми и прекин на градежните работи во поплавните зони. Тие, исто така, предлагаат планирање на преместување на загрозената инфраструктура и управување со крајбрежјето врз основа на научни критериуми и решенија од природата.