Пропаднаа надежите за договор со Трамп за Украина, оцени Москва
Зградата на руско-американските односи се „распаѓа“

Надежите на руските функционери за договор со Доналд Трамп за Украина, придружени со разговори за враќање на западните компании и претстојно укинување на санкциите, се чини дека се целосно разбиени.
Зградата на руско-американските односи се „распаѓа“, а моментумот генериран од Eнкориџ, каде што Путин и Трамп се сретнаа лично, „во голема мера е исцрпен“, изјави во среда рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
Дипломатот рече дека Американците се „виновни“ за нестабилните односи со администрацијата на Трамп, а Европа е виновна за неуспехот да се постигне договор за Украина. „Ова е резултат на деструктивна активност, првенствено од Европејците, за која разговараме отворено и директно“, рече Рјабков.
Тој додаде дека снабдувањето со американски ракети „Томахавк“ за Киев, за кое дискутира Вашингтон, е „многу сериозен чекор на ескалација“. „Појавата на вакви системи, ако дојде до тоа, ќе означи значајна, можеби дури и квалитативна, промена на ситуацијата“. <….> Хипотетичката употреба на вакви системи е можна само со директно вклучување на американски персонал“, рече заменик-министер за надворешни работи.
Русија планира да продолжи со воените операции во Украина, предупреди самиот Путин еден ден претходно. „Нашата заедничка цел останува иста – мора да обезбедиме безусловно постигнување на сите цели со кои се соочуваат трупите за време на специјалната воена операција“, рече тој на состанокот со раководството на Министерството за одбрана и Генералштабот.
Одлуката за започнување на инвазијата во февруари 2022 година беше „навремена“ и „точна“. Стратешката иницијатива „останува целосно кај вооружените сили на Руската Федерација“, а претпријатијата од одбранбената индустрија ги задоволуваат нивните потреби „во целост“, нагласи претседателот.
Ветувајќи дека ќе ја заврши војната во рок од 24 часа, Трамп му понуди на Кремљ дарежлив договор – укинување на американските санкции, признавање на анексијата на Крим и продолжување на економската соработка, вклучително и во Арктикот. Но, ова не беше доволно за Путин, кој побара од Киев да ги предаде териториите што сè уште се под негова контрола. Тој, исто така, ги блокираше сите планови за распоредување западни мировници во близина на фронтот и продолжи да инсистира Украина радикално да ја намали својата армија.
По повеќе од шест месеци неплодни преговори, кои кулминираа со средба лице в лице меѓу Путин и Трамп во Алјаска, во внатрешниот круг на американскиот претседател се случи „тектонска промена“ во ставовите кон ситуацијата во Украина, изјави за „Фајненшел тајмс“ функционер запознаен со ова прашање.
Според извори на ФТ, оваа ненадејна промена во ставот на Белата куќа ја објаснува одлуката на САД да му обезбедат на Киев разузнавачки информации за нападите врз руската енергетска инфраструктура, што само во септември затвори најмалку четири големи рафинерии во земјата, а регионите од Далечниот Исток до центарот на Русија останаа со недостиг на бензин.