Пропаднаа и надежите – Македонија пак загуби од Украина, сега 2:0


 

Нема речиси никакви шанси Македонија да се надева дека ќе може да се квалификува за следното Европско првенство во фудбал откако денеска претрпе уште еден пораз од Украина, овој пат со 2:0 на мечот што се играше во Прага.

Македонските фудбалери се трудеа, имаа неколку извонредни шанси (Миовски и Чурлинов), но тоа беше недоволно за да се победат Украинците, кои сепак играа позрело и тактички подобро.

Маедонија сега останува со двете победи против Малта и големиот успех и нерешениот резултат во Скопје против Италија. Таа сега има седум бодови и заоостанува три поени зад Украина, а двата последни мечеви од квалификациите – на 17 ноември против Италија во Рим и на 20 ноември против Англија во Скопје – се толку тешки  со многу посилни тимови што шансите да се оди понатаму се околу теоријата. Мечот во Прага беше клучен за македонските фудбалери и тие го загубија.

Украина дојде во водство со голот на Судаков во 30. минута кога топката по неговиот шут се одби од Серафимов и влезе во голот. Конечните 2:0 ги постави Караваев со удар од речиси 40 метри покрај аут линијата, кој го виде македонскиот голман Димитриевски дека е многу оддалечен од голот и лесно ја испрати топката во мрежата. Тоа беше во петтата минута од продолжението, а судијата отсвири крај веднаш откако македонските фудбалери тргнаа од центарот.

Веројатно беше нешто погрешно и во тактиката, зашто македонските фудбалери ѝ ја препуштија играта на Украина во првото полувреме сѐ додека тие не постигнаа гол. Потоа тргнаа поофанзивно, имаа неколку шанси, но тоа беше недоволно. По пропуштените шанси не се гледаше дека Македонија има сили и знаење да изедначи. А во продолжението да не беше голманот Димитриевски и неколкуте негови чудесни одбрани (Украинците два пати ја погодија пречката) натпреварот веројатно ќе беше решен и порано.

Така уште еден квалификациски циклус отиде во неврат. Но, објективно толкава е и силата на оваа репрезентација.