Пропадна култниот производител на пластични садови за чување храна
Познатиот производител на пластични садови за складирање храна, Tupperware, кој некогаш беше вистински хит повеќе земји, поднесе барање за стечај во САД, пишува Би-би-си.
Проблематичната компанија ќе бара судско одобрение за да започне процес на продажба на бизнисот и има намера да продолжи со работа во текот на стечајната постапка.
Компанијата, основана пред 78 години, минатата година соопшти дека би можела да пропадне доколку брзо не собере нови средства, а сега се обидува да се репозиционира и да привлече помлади клиенти бидејќи се соочува со опаѓање на продажбата.
„Во текот на изминатите неколку години, финансиската позиција на компанијата беше сериозно погодена од предизвикувачкото макроекономско опкружување“, рече извршната директорка на Tupperware, Лори Ен Голдман.
Акциите на компанијата паднаа за повеќе од 50 отсто оваа недела по извештаите дека планира да поднесе барање за стечај.
Tupperware со години се обидува да го запре падот на продажбата поради евтината конкуренција.
За време на пандемијата, тие забележаа краткорочно зголемување на продажбата бидејќи повеќе луѓе готвеа дома. Но, кога заврши пандемијата, продажбата на пластични садови за храна повторно падна.
Покрај тоа, компанијата беше погодена од растот на цените на суровините, транспортните трошоци и повисоките плати, што ги намали профитните маржи на компанијата.
Tupperware доминира на пазарот со години и стана синоним за садови за складирање храна, па многу луѓе едноставно велат „tupperware“ кога ќе помислат на кој било пластичен сад за храна.
Компанијата е основана во 1946 година од Ерл Тапер, кој го патентирал флексибилното херметичко затворање на кутии.