Пронајдено последното парче од таписеријата од 17. век украдена во Шпанија пред 42 години
Таписеријата на фламански уметник била украдена од озлогласениот крадец „Ерик Белгиецот“ уште во 1980 година
Шпанската полиција го пронашла последното парче од таписеријата од 17 век, која била украдена пред 42 години од озлогласен крадец на уметнички дела.
Таписеријата од 4 метри на 6,5 метри, позната како La apoteosis de las artes (Апотеоза на уметностите), беше една од шесте фламански таписерии земени од црквата Санто Доминго во градот Кастрохерис во северна Шпанија, украдена во раните часови од 7 ноември 1980 година.
Парчињата – кои беа направени во Бриж во 1654 година од Корнеј Шуц, следбеник на Рубенс – беа украдени од Рене Алфонс ван ден Берге, попознат во шпанската јавност како Ерик Белгиецот.
Додека сите шест таписерии беа пронајдени по истрагата предводена од Интерпол во Шпанија, Франција и Белгија, долниот лев дел од „Апотеозата на уметностите“ што прикажува херувим се стравуваше изгубен повеќе од четири децении.
Ван ден Берге, белгиски трговец со уметнички дела, почина во Малага во 2020 година на 80-годишна возраст. Фрагментот беше пронајден откако Анхел Алкараз, полицаец ангажиран во академско проучување на уметнички кражби, стапил во контакт со адвокатот на Ван ден Берге и успеал да утврди каде се наоѓа.
Адвокатот го предаде парчето и беше вратено на надбискупијата во Бургос минатиот петок.
„Ако на небото му недостига еден ангел, тоа би било помало небо“, рекол Алкараз. „И ако на оваа таписерија ѝ недостигаше ова мало ангелче, тоа немаше да биде истата таписерија. Денеска му враќаме на Кастрохериз нешто што не требаше да се случи на прво место“.
Во соопштението, шпанската Национална полиција го опиша Ван ден Берге како „дилер со уметнички дела, реставратор, сликар, писател и меѓународен крадец“ кој извршил бројни грабежи во црквите и капелите во земјата.
„Тој, исто така, водеше организирана група посветена на крадење религиозни уметнички дела – понекогаш по налог на богати колекционери кои бараа одредено дело, а понекогаш за лесна продажба на меѓународниот црн пазар“, велат од полицијата.
Ван ден Берге беше уапсен во 1982 година, но ослободен од затвор три години подоцна откако го искористи својот адвокат за да им помогне на властите да пронајдат и да вратат многу од делата што тој ги украл.
Крадецот не се покаја до својата смрт. Зборувајќи за „Ел паис“ пред 10 години додека ја објавуваше својата автобиографија „Ерик Белгиецот – За љубовта кон уметноста“, тој рече: „Јас не сум мал измамник. Јас сум крадец од висока класа. Крадев поради љубовта кон уметноста и имам украдено луксузни предмети. Парите немаат луксузна вредност“.
Запрашан дали барал прошка за своите гревови, Ван ден Берге рече дека не отишол на исповед откако бил момче од олтарот.
„Но, јас сум пријател на Свети Петар; продадов многу статуи на Свети Петар и заштедив многу“, рече тој. „И ако, кога ќе пристигнам во рајот, ме фрли во пламенот, ќе го застрелам двапати“. (Гардијан)