Пронајден скелет на познат мускетар? ДНК примерок испратен на анализа


Во црква во холандскиот град Мастрихт е пронајден скелет, за кој се верува дека му припаѓа на францускиот мускетар Шарл де Батс де Кастелмор д’Артањан, чии останки биле непознати со векови.

Тој мускетар бил грофот од Артањан и близок соработник на францускиот крал Луј XIV, објави NOS.

Како водач на Кралските мускетари – елитна единица што служела како лична гарда на кралот, тој бил убиен во 1673 година за време на опсадата на Мастрихт во 1673 година, кога француската војска се обидувала да го освои градот.

Историчарите веруваат дека по неговата смрт, неговото тело не било однесено во Франција бидејќи борбите сè уште траеле, туку дека било погребано на самото место по наредба на кралот.

Во тоа време, француската војска имала логор во близина на црквата во селото Валдер, недалеку од Мастрихт.

За време на реставрацијата на црквата во февруари, откако дел од подот се спуштил, работниците откриле човечки остатоци под местото каде што некогаш стоел олтарот.

Според ѓаконот Јос Валке, во тоа време таквите места биле резервирани само за кралски семејства или особено важни личности.

Со скелетот е пронајдена француска монета, што дополнително ја поддржува претпоставката дека може да станува збор за познат мускетар.

Од остатоците е земен примерок од ДНК и испратен на анализа во лабораторија во Минхен, каде што ќе биде спореден со ДНК-то на потомците на семејството Де Батс, за кои се верува дека се од областа околу Авињон.

Сепак, археологот Вим Дијкман предупредува дека е прерано да се донесуваат заклучоци додека не се завршат резултатите од анализата.

Д’Артањан во Франција бил запаметен како национален херој, познат по својата лојалност и храброст во служба на кралот.

Тој добил поширока светска слава благодарение на романот „Тројцата мускетари“ од 1844 година, напишан од Александар Дима.

Во тој дел, тој беше прикажан како четврти мускетар заедно со Атос, Портос и Арамис, а приказната подоцна доживеа бројни филмски и театарски адаптации.