Пролетна акција за чистење на општина Центар


Комунална хигиена собра 105 кубни метри кабаст отпад и расчистува голема дива депонија во општина Центар, во рамките на пролетната работна акција на Град Скопје со екипите на јавните претпријатија и во координација со општина Центар.

 Екипите на ЈП Комунална хигиена  секојдневно  рачно и машински ги метеа и миеја  булеварите, улиците,  сите  автобуски постојки, а  извршија  дезинфекција на надземните и на  подземните контејнери поставени  во оваа општина. Во рамките  на акција за генерално чистење на општината Центар, екипите на ЈП Комунална хигиена  започнаа да  ја отстрануваат  и  големата  дива депонија лоцирана под Скопското кале.

Теренски екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ во општина Центар исто така  денеска искастрија шест дрвја врз основа на издадено решение на улиците „Борка Талевски“ и „Питу Гули“. Со акцијата на чистење и уредување на јавните зелени површини  по должината на булеварите и градските улици во оваа општина беа опфатени улиците: „Пролет“, „Никола Карев“,

„11 Октомври“, „Св.Кирил и Методиј“ и „Васил Ѓоргов“, како и  булеварите „Кочо Рацин“, „Св.Климент Охридски“ и „Гоце Делчев“. Со акцијата се реализираа и интервенции на обликување и кастрење на вкупно 30 дрвја по издадени решенија од секторот за комунални работи на Град Скопје.

Во пролетната работна акција во општина Центар екипите на ЈП „Улици и патишта“ санираа ударни дупки на улицата „Даме Груев“, булеварот „Гоце Делчев“ и  улицата „Френклин Рузвелт“  со вкупна површина од 110  квадратни метри и ја санираа и нивелираа канализационата шахта која беше со големо оштетување на улицата „Димитрие Чуповски“. 

 
Одговорните екипи за одржување на хоризонталната сигнализација на градските сообраќајници во централното градско подрачје ги обележаа такси станиците  со вкупен капацитет на 43 возила. Екипите што ја одржуваат светлосната сигнализација на крстосниците во градот монтираа вкупно 36 уреди за звучна сигнализација за лица со нарушен вид (звучни сигнали на семафорите)  и ги санирааи недостатоците на семафорите. На семафорите се заменети оштетените сенила и монтирани нови сенила за црвени и зелени пешачка лантерни.. Екипите на претпријатието во општина Центар за време на акцијата на терен вршеа рачно чистење на сливници, на шахти (атмосферски и фекални) и миење со цистерна со вакуум и цистерна под притисок на атмосферските и на фекалните сливници и шахти.

Тимовите на ЈП Лајка во рамките на акцијата постапуваа на четири клучни локации во општина Центар и заловија  6 кучиња, додека Јавното претпријатие Дрисла го примаше, складираше и го депонираше комуналниот отпад, градежниот шут и другите видови отпад што беа собрани на територијата на општина Центар.

Град Скопје заедно со јавните претпријатија и во координација со Општина Центар пролетната акција ја спроведуваше од 9 до 13 мај  на територијата на целата општина. Следната општина во која ќе се спроведува ваква акција е Ѓорче Петров.