Профил на даночните обврзници: Младите би плаќале повисоки даноци, но не во Македонија
Повисоко ниво на даночен морал имаат повозрасните лица над 55 и над 65 години, а подисциплинирани за доброволно исполнување на даночните обврски се лицата од женски пол, покажува студија што ја изготви Центарот за економски анализи
Младите на возраст од 18 до 24 години би плаќале повисоки даноци, но да живеат и тоа да го прават во друга држава, покажуваат резултатите од истражувањето „Даночниот морал во Република Северна Македонија: Профил на даночните обврзници“, што го спроведе Центарот за економски анализи (ЦЕА), која е втора студија за даночниот морал кај нас преку профил на даночните обврзници низ социо-економски и демографски профили. Студијата покажува и дека повисоко ниво на даночен морал имаат повозрасните лица над 55 и над 65 години, како и дека поголема даночна дисциплина за доброволно исполнување на даночните обврски покажуваат лицата од женски пол.
Студијаатаа дава одговор на прашањата дали полот, возраста, образованието, куповната моќ, регионот, етничката припадност, влијаат врз даночното однесување на индивидуалните даночни обврзници во наашаата земја, каако и дали постојат разлики и карактеристики во перцепциите и однесувањето кои би помогнале во комуникацијата и пристапите за подобрување на доброволното помирување на даночните обврски преку нестандардни пристапи, за унапредување на даночниот морал кај обврзниците.
„Во оваа студија ги опишуваме разликите кои може да бидат корисни за носење на политики за идентификување на групи за кои е потребно дополнително внимание за да се постигне зголемено доброволно почитување на обврските за даноци“, велат од ЦЕА.
Од ЦЕА објаснуваат дека под даночен морал се подразбира доброволно почитување на даночните закони и создавање социјална норма на одговорност кон исполнување на даночните обврски од страна на даночниот обврзник.
„Во најголем дел граѓаните себеси се сметаат за даночно одговорни и мамењето кај даноците го сметаат во најголема мера за неприфатливо однесување“, велат од ЦЕА и додаваат дека во најголем дел граѓаните – даночни обврзници немале директен контакт со плаќање на личен данок на доход или данок на имот, односно дека познавањето за даноците е на ниско ниво.
Забележлива е поголема даночна дисциплина за доброволно исполнување на даночните обврски и повисок степен на даночен морал кај лицата од женски пол споредено со лицата од машки пол.
„Ова може да произлегува од: постоечкиот јаз помеѓу мажите и жените на пазарот на труд и родовата нееднаквост; жените покрај тоа што се помалку застапени и се помалку активни на пазарот на труд, со тоа се подложни на поголем ризик од губењето на работното место; кај лицата од женски пол за нијанса повисоката перцепција дека даночниот систем во државата е фер може да придонесува кон поголемиот степен на даночен морал“, објаснуваат од ЦЕА.
Така, во студијаата се наведува дека повисокото ниво на даночен морал е забележано кај повозрасната структура на даночни обврзници и тоа посебно над 55 и над 65 години, мерен низ степенот на (не)прифатливост на однесување на избегнување на даноци.
„Ова може да се должи на тоа што лицата над 65 години преземаат помали ризици поради поголемиот општествен влог, поподложни се на општествена норма дека е неприфатливо мамењето на даноци, па оттука и поголемата даночна дисциплина за доброволно исполнување на даночните обврски“, велат изготвувачите на студијата.
Посебно се занимливи резултаатите за подготвеноста за плаќање повисоки даноци според возрасната структура. Така, најголем дел од младите на возраст од 18 до 24 години (околу 70 отсто) би преферирале да плаќаат повисоки даноци но, да живеат и тоа да го прават во друга држава, додека повозрасните лица преферираат да плаќаат пониски даноци и да живеат во Македонија.
„Граѓаните до четриесетина години повеќе преферираат да ја напуштат државата и да плаќаат повисоки даноци на друго место, наспроти граѓаните над 40 години кои преферираат пониски даноци и да останат да живеат во државата“, велат од ЦЕА.
Од Центарот за економски анализи истражувале и каков е даночниот морал според степенот на образование, при што се вели дека повисокото ниво на даночен морал е забележан кај даночни обврзници со низок степен на образование. Пообразованите даночни обврзници, пак, сметаат дека даночниот систем во државата е фер, но и дека нивото на корупција на централната власт е исто во споредба со минатото. Највисоко образована структура (образование над факултетското образование) има највисока перцепција дека даночниот систем не е фер.
„Помалку образованите лица сметаат дека доколку се плаќаат повисоки даноци малку е веројатно дека ќе се добијат и поквалитетни услуги, но сепак сакаат да плаќаат пониски даноци и да останат да живеат во Македонија. Ова укажува дека помалку образованите лица се задоволуваат со уловите во државата, но не дека не сакаат подобри услови за живеење, туку бидејќи не веруваат целосно дека повисоките даноци значително би ја подобриле ситуацијата“, велат од ЦЕА.
Исто така, повисоко ниво на даночен морал е забележан кај даночните обврзници со повисоки приходи, над 50 илјади денари, мерен низ степенот на (не)прифатливост на однесување на избегнување/мамење на даноците. Најголем дел на даночните обврзници чии приходи се над 40 илјади денари би плаќале повисоки даноци, но да живеат во странство. Тие се информирани за даночниот систем во државата и плаќаат повеќе данок за разлика од лицата со пониски примања, но од друга страна тие не веруваат дека правото владее и се на мислење дека нема квалитетни јавни услуги, покажува студијата.
Оваа публикација е изготвена во склоп на „Проектот за даночна одговорност – кон граѓанска одговорност и одговорни даноци“. (Н.В.)