Проектите на УСАИД имаат одржлив и повеќенасочен ефект во домашната економија


 

Континуираната соработката помеѓу УСАИД и Владата на Северна Македонија односно Министерството за економија продолжува силно и мудро соочувајќи се со енергетската и економската криза. Проектите на УСАИД имаат одржлив и повеќенасочен ефект во домашната економија што ни помагаат во патот кон нашата самодржливост. Оваа помош ги достигна речиси сите оддели на Министерството за економија во изминатите години, истакна министерот Бектеши на денешната Конференција за промовирање на стратегијата на УСАИД за партнерство со приватниот сектор.

– Вчера ја имавме можноста да го усвоиме новиот закон за енергетика за да можеме да ја промовираме и менаџираме енергетската криза на начин на кој што го прават развиените земји како што се ЕУ и САД. Затоа Северна Македонија е апдејтирана со сите овие работи, со помошта на УСАИД, исто така и во стратешкиот сектор, особено кога се работи за зголемувањето на безбедноста и диверзификацијата на изворите за снабдување со единствената цел, за малите и средните претпријатија  во Северна Македонија да можат да бидат конкурентни, не само во регионот, туку и во други нивоа, нагласи министерот за економија Крешник Бектеши.

 

Додаде дека Министерството за економија е стратешки партнер на Проектот за развивање на бизнис еко-системот на УСАИД уште од самиот почеток.

– Со цел обезбедување на забрзан, одржлив и инклузивен економски раст, како еден од стратешките приоритети на Северна Македонија, Министерството за економија со сериозни мерки во рамки на нејзините компетенции влијае во подобрувањето и олеснувањето на инвестициската клима и во интернационализацијата на бизнисите, како и охрабрувањето на приватните иницијативи и инвестиции, рече Бектеши.

Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Абдулшуќур Абедини, истакна дека производството и квалитетот на храната се меѓу топ темите кои ја засегаат светската популација, бидејќи глобалната криза со храна го става земјоделскиот сектор на врвот на приоритетите на сите светски влади.

– Глобалната криза бара глобален одговор и затоа ни треба солидарност и заеднички акции, зајакната соработка и унифицирани глобални решенија, рече Абедини.

Изрази надеж дека со бизнис заедницата ќе се изнаоѓаат заеднички долгорочни стратешки решенија за да се извлече максималниот потенцијал на земјоделството.

– Веќе со години говориме да се најде начин како субвенциите да ги поттикнат производителите кои имаат потенцијал да произведат квалитетен земјоделски производ во количини кои ќе ги задоволат барањата на пазарот. Со новите политики го напуштаме стариот модел на субвенционирање според обработка на површина без земјоделците да прикажат дали и колку оствариле производство. Сега фокусот го ставаме на произведена количина при што целокупното производство мора да биде предадено во домашните капацитети, рече Абедини.

Со тоа, како што кажа, во системот се ставаат сите, производителите, трговците, откупувачите и преработувачите со што се намалува протокот на готовинско плаќање и сивата економија, а се зголемува обемот на контрола и се овозможува брза исплата со што индиректно се зголемува производството на домашна храна што се покажа како клучно во кризата.

– Во моментов заедно со Проектот за развој на деловниот екосистем работиме на финализирање на уште една стратешка мерка за поддршка на земјоделскиот сектор – мерката 125 која е планирана да влезе во новата национална стратегија за развој на земјоделството и руралниот развој, потенцира Абедини.

Во изминатите пет години Проектот за развој на деловниот екосистем директно работеше со 14 организации за деловна поддршка на микро, мали и средни компании при што се поддржани над 5600 компании и се иницирани инвестиции во партнерство со приватниот сектор од речиси 13 милиони долари.

Претставничката на канцеларијата на УСАИД во нашата земја, Џери Дајбл, рече дека соработувале со различни деловни здруженија за зголемување на нивниот развиток со коешто 3,800 компании членки имале пристап до нови пазари, квалификувана работна сила и развиле нови услуги.

– Во изминатите пет години работевме во зголемувањето на конкурентноста на компаниите преку неколку интегрирани работни текови со развивање и инвестирање во решенија базирани на пазарот за да се изгради поцврста основа за издржлива економија, истакна Дајблл.

Преку овие партнерства, како што кажа Дајблл, со значаен придонес во нивната одржливост бизнисите се помагани да ја задржат својата позиција како клучни играчи и го удвоиле своето членство.

Директорот на Проектот за развој на деловниот екосистем Дејан Јаневски посочи дека денеска практично се реализира завршниот настан на петгодишниот проект на УСАИД чија цел е да се трансформира екосистемот во кој функционираат микро, малите и средните претпријатија.

– Со тоа требаше да се постигне подобрување на услугите што ги добиваат фирмите преку нивните претставници – деловни здруженија, организации, асоцијации и комори, да се добие олеснет пристап до финансии. Резултатот е отворени 5.750 нови работни места и над 15 проценти пораст во просекот на годишните приходи на компаниите со кои соработувавме, рече Јаневски.