Продолжува енергетското Елдорадо: РКЕ издадала лиценци за производство на 179 мегавати од обновливи извори
Од јануари до јули годинава издадени се лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од 179,72 MW – покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
„Пониски сметки за електрична енергија е клучната причина зошто интересот за инвестиции во обновливи избори не запира. Помалите трошоци за струја несомнено е директниот бенефит што го имаат компаниите, ако анализираме на микро ниво. Но, ако се гледа големата слика, токму поради овој отворен инвестициски циклус на приватната иницијатива во обновливи извори, попознат во јавноста како Елдорадо, државата забележа историски намален нето увоз на струја од традиционалните 30 % на 2,75 % во 2023 година. Податоците покажуваат дека за две години и седум месеци во земјава изградени се и приклучени на мрежа капацитети што произведуваат струја од сонце со вкупна инсталирана моќност од околу 731 MW, додека само еден блок од РЕК Битола има инсталиран капацитет од 233 MW. “ вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Инаку во 2023 година РКЕ издаде лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од скоро 399 MW, додека во 2022 година се издадени 152,2 MW.