Превентивно затворена кујната во Дом за стари лица во Берово – се чекаат резултати по појава на стомачни тегоби

По појавата на стомачни тегоби во Домот за стари лица во Берово кај дел од корисниците и вработените, преземени се сите потребни мерки од надлежните институции. Кујната, како што информираа од Старскиот дом во Берово, е затворена превентивно, додека не се добијат резултатите од лабораториските анализи.
-Точно е дека одредени корисници имаа лесни тегоби на стомачен вирус кој што е присутен во цела држава. Но од страна на медицинско лице не беше исклучена можноста и за сомнеж за труење од храна, изјавија за МИА од установата.
Од Домот информираат дека по интервенција на надлежните служби се земени мостри од храна, брисеви од работни површини и од вработени, како и копрокултури од корисниците, кои се негативни на микробиолошки испитувања.
-Кујната е затворена нормално, превентивно, сè додека не излезат резултатите од анализите. Што е најважно од сè – нема хоспитализирани корисници и сите се во добра здравствена состојба, велат од Домот.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информираат дека вонредната инспекциска контрола е извршена во саботата, во соработка со Центарот за јавно здравје – Кочани и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по пријава за појава на симптоми кај осум корисници и шест вработени.
-Преземени се мостри за анализа, извршена е и вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, како и здравствени прегледи на вработените – соопштуваат од АХВ. Резултатите од анализите се очекуваат во наредните денови, а јавноста ќе биде навремено информирана, се вели во соопштението од АХВ.