Пресврт во истрагата за малата Данка Илиќ: Ослободен еден од обвинетите


Вишиот суд во Неготин оцени дека нема доволно докази за продолжување на постапката против Радослав Драгиевиќ, кој беше обвинет за прикривање на кривично дело и помагање по извршувањето на убиството на Данка Илиќ.

Вишиот суд во Неготин донесе одлука да ја прекине постапката против Радослав Драгиевиќ, таткото на Дејан Драгиевиќ, кој е еден од главните обвинети за убиството на двегодишната Данка Илиќ. Со оваа одлука, судот оцени дека нема доволно основи за продолжување на кривичната постапка против 75-годишниот Драгиевиќ.

Радослав Драгиевиќ беше обвинет за непријавување на кривично дело и сторител, како и за помагање на сторителот по извршувањето на кривичното дело. Сепак, судскиот совет заклучил дека не постојат услови обвинението да продолжи во судска постапка.

– Советот на Вишиот суд во Неготин донесе одлука дека нема простор за обвинение, односно постапката против Радослав Драгиевиќ е прекината – наведуваат извори запознаени со случајот.

Одлуката ќе биде доставена до Вишото јавно обвинителство во Заечар и до одбраната на Драгиевиќ. Бидејќи постапката е прекината во негова корист, неговите адвокати нема да поднесуваат жалба.

Од друга страна, Вишото јавно обвинителство во Заечар има право да ја оспори одлуката пред Апелацискиот суд во Ниш во рок од три дена од приемот на решението.

Според неофицијални информации, се очекува Апелацискиот суд да ја потврди одлуката на Вишиот суд, имајќи предвид дека обвинението претходно веќе беше вратено на повторно разгледување.

Во меѓувреме, Дејан Драгиевиќ и Срѓан Јанковиќ остануваат во притвор и го чекаат почетокот на судскиот процес, во кој се обвинети за тешкото убиство на малата Данка Илиќ.

Случајот со исчезнувањето и смртта на двегодишната Данка Илиќ со месеци ја потресува Србија и регионот и останува еден од најследените судски процеси во јавноста.,