Бајрактар: Турција и Русија преговараат за нови испораки на гас по 2026 година


Турција и Русија водат преговори за продолжување на договорот за испорака на природен гас по 2026 година, бидејќи постојните договори истекуваат на крајот од оваа година, потврди денеска турскиот министер за енергетика Алпарслан Бајрактар на Енергетскиот форум во Баку.

Турската државна компанија БОТАС разговара со рускиот енергетски гигант Гаспром за обнова на договорот за увоз на гас, изјавил Бајрактар за Блумберг.

Според него, обемот на идните испораки и времетраењето на новите договори сè уште не се договорени.

Анкара претходно во декември продолжи два договори со Гаспром за испораки преку гасоводите Турски тек и Син Тек до крајот на 2026 година, а договорите опфаќаат вкупно околу 21,75 милијарди кубни метри гас годишно.

Бајрактар тогаш изјави дека продолжувањето на договорот гарантира сигурност во снабдувањето на земјата, но нагласи дека Анкара сака поповолни и поконкурентни цени на рускиот гас во идните преговори.

Турција истовремено почна да ги диверзифицира изворите на енергија преку нови ЛНГ договори со компании од САД и Европа, со цел да ја намали зависноста од рускиот гас.