Преку ноќ не се случуваат ни брзи избори


Три опции имаше на маса премиерот Зоран Заев во петокот – ден пред да објави дека презема политичка одговорност за неуспехот на Македонија на самит на ЕУ во Брисел. Првата варијанта беше да поднесе оставка од премиерското место така што ќе остави претседателот Стево Пендаровски да го даде мандатот за формирање влада на друг кандидат од редовите на СДСМ, за тој да формира нова влада со поддршка од сегашното парламентарно мнозинство. Другата опција беше веднаш да поднесе оставка и како лидер на СДСМ да номинира технички премиер, што ќе повлечеше избори 100 дена по демисионирањето на Заев од лидерската позиција, односно некаде кон крајот на јануари или почетокот на февруари. Но, премиерот ја одбра третата можност, така што повика на брзи предвремени избори, кои исто така ќе повлечат негова оставка, ама дури на 3 јануари, како што беше договорено на вчеаршната лидерска средба. Дотогаш треба да се договорат повеќето детали околу изборите на 12 април, што треба да ја одредат иднината на државата по новата блокада што се испречи на евроинтеграцискиот пат.
Постоеше уште една алтернатива – премиерот да не преземе политичка одговорност со аргументација дека, независно од фијаското во Брисел, домашната задача е одлично завршена, така што одговорноста евентуално ќе се сведеше на министрите за надворешни работи и за европски прашања. Но, во таква ситуација, кабинетот на Заев тешко дека ќе можеше да се избори со силниот притисок, посебно од опозицијата, која на уште недонесена одлука од Европскиот совет бараше избори и најавуваше протести низ улиците. Информациите од високи ешалони на СДСМ говорат дека Заев во петокот бил подготвен веднаш да поднесе бланко оставка и за тоа, наводно, ги известил поединечно повеќето свои најблиски соработници, но по повеќечасовните анализи и консултации што тој ден се правеа на „Илинденска“ „падна“ одлука премиерот да ја предизвика опозицијата така што ќе понуди избори во најкус можен рок.
Неговиот избор се толкува различно во политичките кругови. Од една страна како давање шанса на политичкиот дијалог чиј старт ден претходно го најави претседателот Пендаровски. Од друга страна, како создавање маневарски простор, со оглед на другите обврски што ќе требаше да се завршат во случај на редовни избори, како измените во изборната регулатива, спроведувањето на пописот, формирањето на т.н. Пржинска влада. Во тој „мозаик“ се вклопуваат и политичките калкулации во однос на НАТО, во однос на очекуваното официјализирање на нашето полноправно членство во првиот квартал на годинава, како успех што се очекуваше да го понесе владата која го постигна Преспанскиот договор, а не некоја си техничка влада. Во декември, пак, на Самитот на НАТО во Лондон веќе е определено посебно место за премиерот Заев, кој дотогаш би можел да демисионира од владата, доколку се преземат чекори во насока на реализација на неговиот повик за брзи избори.

Сепак, вчера, пред почетокот на првата лидерска средба кај Пендаровски, никој не знаеше да каже што поконкретно значи „најбрзиот можен рок“, така што во јавноста се шпекулираше со термини од средината на декември годинава, па до јуни следната година. Заев излегол со предлог изборите да се одржат во последната седмица од декември, односно на 22 или на 29 декември, за да не се изгуби чекор со процесот на зачленување во НАТО. Од друга страна НСДП, која е во коалиција со СДСМ, испрати порака дека не треба да се размислува за избори пред јуни 2020 година, односно откако ќе помине самитот на ЕУ во Загреб.
Теоретски, изборите би можеле да се одржат во период од 45 до 100 дена, но потребен е политички договор за да се утврди од кога би почнале да течат овие рокови и под кои услови. Односно кога би се реализирало распуштањето на парламентот (со најмалку 61 пратенички глас), што би повлекло распишување на изборите и утврдување на изборниот календар.
Враќањето на концептот на „Пржинска влада“ во Изборниот законик и во Законот за влада дополнително ја комплицира ситуацијата околу распишувањето на изборите. Предвидена како ад-хок решение за политичката криза што произлезе од „бомбите“, предизборната преодна влада се врати во игра минатата година, како отстапка за ВМРО-ДПМНЕ да ги деблокира процедурите за распишување на референдумот за името. Сепак, Пржинската влада, практично, е во колизија со Уставот во делот на одредбата за распишување вонредни избори. Додека во Уставот е предвидено дека предвремени избори се одржуваат во рок од најмногу 60 дена од распуштањето на парламентот (како најкус можен рок се сметаат 45 дена), одредбите во законите за избори и за влада предвидуваат формирање техничка влада сто дена пред денот за одржување избори. Според тоа, иако предвремени избори се, всушност, решение за непредвидени и вонредни политички ситуации, со роковите за формирање „Пржинска влада“ се создава ситуација на „нужна предвидливост“ и планирање на роковите.

Фото: Б. Грданоски

Првиот преоден премиер, наместо 100 дена, остана 1,5 година
Пред распишувањето на последните парламентарни избори во 2016 година, со месеци траеше неизвесноста околу терминот за нивно одржување. Иако и во договорот од Пржино остана запишано дека изборите треба да се одржат на 24 април, тоа се случи со осум месеци задоцнување. Согласно со Пржинскиот договор, тогашниот премиер Никола Груевски поднесе оставка на 15 јануари таа година и го овласти Емил Димитриев да ја предводи преодната (Пржинска) влада до изборите планирани за 24 април. Тогашното парламентарно мнозинство, тој февруари, дури и изгласа распуштање на парламентот, за што одлуката потоа беше отповикана, откако тогашната опозиција најави бојкот поради непрочистениот избирачки список. Потоа се спомнуваа избори на 5 јуни 2016 година, за на крајот владата на Димитриев, наместо сто дена, да издржи речиси една и пол година, така што на моменти функционираше како преодна, а на моменти како политичка, со оглед на тоа што предвремените избори се одржаа дури на 11 декември 2016 година. Во меѓувреме, тогашните преодни министри и дополнителни заменик-министри од СДСМ (Оливер Спасовски, Фросина Ременски, Љупчо Николовски, Кире Наумов и Александар Кирацовски) двапати беа избирани на функциите. Потоа, пак, поради пролонгирањето на политичката криза, уште половина година по изборите се одолговлече, односно беше опструиран од ВМРО-ДПМНЕ изборот на владата на Зоран Заев.
Александра М. Митевска
Фото: Б.Грданоски