Познатиот лингвист Трајко Стаматоски почина од ковид на 96 години


Последниот од генерацијата на големите македонски лингвисти и воопшто научници, Трајко Стаматоски, почина од компликации од корона вирус додека се лечеше во болницата „8 Септември“. Имаше 96 години. 

Стаматоски беше веројатно најголемиот македонски ономастичар и како врвен научник беше долги години директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Последниве години беше претседател на Градскиот одбор на борците од НОБ на Скопје.

Стаматоски (роден во Скопје 1925) во првите години по ослободувањето се занимаваше со новинарство во Радио Скопје, но многу брзо се префрли на научната дејност под големо влијание на работата на Блаже Конески. Не само Стаматоски, туку и другите сјајни македонски јазичари, иако во годините блиски со Конески, го сметаа големиот македонски ум како постојана инспирација, па и водилка во нивната научна работа. Односот меѓу Трајко Стаматоски и Блаже Конески е еден од најблиските забележан во македонската наука, кој произведе големи дострели во етаблирањето, развивањето и афирмирањето на македонскиот јазик.

Трајко Стаматоски беше еден од најголемите бранители на македонскиот јазик при нападите на лингвистичка и политичка Софија, која ја негираше неговата посебност. Во лингвистичкиот свет познати се неговите остри научни спротивставувања на бугарските тврдења на светските славистички конгреси (посебно впечатливи се настаните од славистичкиот конгрес во Прага во 1968 година), како и десетиците книги во кои тој образлагаше како потекнува генезата на создавањето на македонскиот литературен јазик. 

Заедно со другите двајца познати лингвисти, Тодор Димитровски и Благоја Корубин, и во редакција на Блаже Конески, Стаматоски беше автор на „Речникот на македонски јазик“. Меѓу многуте книги што ги напиша попознати се „Борба за македонски литературен јазик“, „Македонска ономастика“, „Кон ликот на Блаже Конески“, „Во одбрана на македонскиот литературен јазик“… Покрај тоа имаше и околу 400 научни и стручни трудови. Стаматоски е еден од основачите на Семинарот за македонски јазик и литература. 

Пред неколку месеци во колумна за „Независен“ Стаматоски преку примери наведе дека кодификацијата на македонскиот литературен јазик започнала уште од Јордан Хаџиконстантинов – Џинот, во средината на 19. век. 

Трајко Стаматоски се радуваше на одбележувањето на 100-те години од раѓањето на Блаже Конески оваа година. Тој беше и претседател на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, крстена според селото во кое е роден Конески.

Пошироката јавност последниве десетина година го помети и по тоа што како претставник на борците секој 13 ноември одржува говор пред споменикот „Ослободители на Скопје“.

Спортската јавност го знае и по неверојатната љубов кон фудбалскиот клуб „Вардар“ уште од самото негово основање. Тој со децении беше на овој или на оној начин дел од раководната структура на „Вардар“, а беше прогласен и за почесен претседател на клубот. Кога во 1987 година беше објавена монографијата по повод 40 години од формирањето на „Вардар“ тој беше нејзин главен и одговорен уредник. До последно, додека го крепеше здравјето, беше на трибините да го гледа „Вардар“. (Н.В.)