Кодификацијата на македонскиот јазик почна уште со Џинот


ТРАЈКО СТАМАТОСКИ

Јордан Хаџиконстантинов – Џинот уште во 1852 година својата подолга статија во „Цареградски вестник“ ја напишал на јазик кој се разликувал од бугарскиот. Уредниците на тој бугарски гласник официјално напишале дека тој „јазик има свои својства и особености“

 

Тројца македонски филолози од средината на 19. Век (Партениј Зографски, Константин Миладинов и Ефрeм Каранов) укажаа на некои основни карактеристики на македонскиот јазик, особено на тие што го изделуваат него од соседните словенски јазици. Преку дејноста на Ѓорѓи Пулевски, Темко Попов и други станува видливо дека овие идеи се прифаќаат широко и од луѓе чија посебна специјалност не е лингвистичката наука. Само така може да се разбере обидот на Крсте Мисирков за кодификација на македонскиот литературен јазик во почетокот на дваесеттиот век и користењето на тој стандард во публицистичката и литературната реч. Периодот до крајот на Втората светска војна, кога во услови на слободен живот се изврши и официјална кодификација на литературниот јазик, се карактеризира со речиси редовна употреба намакедонскиот јазик во убавата литература и напредниот печат.

Своите размислувања за напорите на нашите луѓе за оформување на македонскиот јазичен стандард ги започнував обично со активностите на Партениј Зографски, бидејќи тој беше личност образована и компетентна за односната проблематика. Можев секако да почнам и со активности на други наши труженици. Дотолку повеќе што од кај средината на 19. век може да се следи речиси со математичка прецизност настојувањето на нашите учени луѓе да му дадат и литературна форма на својот народен јазик.

Во 1852 година многустраниот и многуактивниот наш просветен и културен работник Јордан Хаџиконстантинов – Џинот објави во познатиот бугарски гласник „Цареградски вестник“ една своја подолга статија и се изјасни во неа против некои стари „литери“. Ова не беше нешто неочекувано кога станува збор за овој наш творец. Тој одржувал добри врски со познати културни центри на поширокиот балкански простор. Неочекувано беше што редакцијата на гласилото се нашла побудена да го прокоментира јазикот во написот на Џинот, па го напишала следново:

„Колку за јазикот на г-н Јордана секој може да види зашто е толку различен од нашиот писмен и говорен јазик, така што кој прв пат ќе го прочита ќе му се види не толку неразбирлив, туку и сосема разнороден. И навистина тој јазик, ако и да се покажува бугарски, и неговата материја како и на нашиот е земена исто така од црковниот пишан јазик, по видот меѓутоа, т.е. по изговорот на зборовите и пишувањето толку својства и особености има, така што полесно може да го научи и да го говори право еден туѓоплеменик, а не еден единороден Бугарин. Да проштаваат скопјаните и ним подобнојазичните бидејќи тие не го разбираат ниту можат да го говорат нашиот јазик“.

Факт е дека Јордан Хаџиконстантинов – Џинот не може да се пофали со некој поконсеквентен јазичен систем. Неговиот литературен јазик е полн со архаизми, со елементи од соседните и други јазици, со свои кованици, но и со добри народни изрази. Констатацијата на редакцијата, иако ригорозна, е сепак во крајна линија објективна. И Џинот, како и „скопјаните и ним подобнојазичните“, навистина не го знаеле и не го разбирале бугарскиот јазик, особено оној практикуван на страниците на „Цареградски вестник“. Оттаму е сфатливо признанието на редакцијата дека јазикот на Џинот „по изговорот на зборовите и пишувањето толку својства и особености има“, што е тешко „да го научи и да го говори… еден единороден Бугарин“. А што да се каже пак за тврдењето дека „скопјаните и ним подобнојазичните“, респекетивно: Македонците, „не го разбираат ниту можат да го говорат нашиот (бугарски) јазик“. И кој претставник на бугарскиот јавен живот ќе напише дека македонскиот јазик „има такви својства и особености“ што го потврдуваат како посебен јазик.

За Константин Миладинов, студент – филолог, сигурно не би можело да се каже дека не го разбирал бугарскиот јазик. Но, дека не го зборувал, дали затоа што не можел или не сакал, е исто така сигурно. Тој градеше во целокупното свое дело (од поетските творби и преводите до сите придружни белешки кон својот „Зборник од народни песни“) свој посебен јазичен систем. Својата наддијалектна реч К. Миладинов ја градеше постепено и упорно. Како образован филолог тој ги знаеше многу добро барањата и условите што се поставуваат пред кодификацијата на секој литературен јазик. Живееше во средина на бугарски студенти, но не ја прими нормата на нивниот литературен јазик. Затоа и не случајно таа средина и му го даде прекарот Македонијата. И дали тој прекар ќе се „фатеше“ и задржеше доколку не ги одразуваше Константиновите вистински својства.

Во оваа насока се движат и размислувањата на тивкиот член на Македонскиот литературен кружок во Софија, крушевчанецот Кирил Николов.  Не случајно тој ќе ја одбере наскоро по ослободувањето – во 1946 година, темата „За македонската нација“ за свое опширно предавање пред поширокиот состав на Македонскиот научен институт во Софија во ново руво и во прилог на својата аргументација, меѓудругото, ќе констатира: „Формирањето на македонскиот книжевен јазик околу половината на 19. век беше еден мошне напреден процес. На него пишуваа речиси сите македонски преродбеници и просветители и особено Браќата Миладиновци, кои создадоа и поезија и проза на прекрасен, чист македонски книжевен јазик“. Со темата на македонската нација, актуелизирана дури и денеска во бугарската средина, беа обземени членовите на Кружокот, па не е неочекувано еден негов воспитаник да се почувствува побуден ставовите свои и на своите сокружочници да ги претстави пред меродавен колектив. Зашто сите членови на Кружокот ја носеа во срцето и мислите темата за татковината.

Изнесувањето на своите погледи на оваа тема има и директен повод. Опозицискиот печат во Бугарија, пред сѐ весникот „Знаме“, не го пречека со „приветствија“ установувањето на слободната македонска држава и официјалната кодификација на македонскиот литературен јазик. Уште веднаш, од 1945, почна да објавува груби напади и да тврди дека „македоноска нација не постоела и не постои“, дека тие стануваат „против вештачкото изградување на македонска раса, со свој особен македонски јазик“. Какво поклопување на ставовите на некогашниот опозициски печат и на денешниот официјален. И не само печат, туку и политика.

Особен печат на седумдесеттите години на 19. век во поглед на посебноста на македонскиот јазик и на македонскиот народ им даде самоукиот Ѓорѓи Пулевски со своите објавени трудови – речниците, граматиката, песнарките, но и со тие што му останаа во ракопис – јазичницата (пак некој вид граматика), историјата и друго.

Не мора да се тие значајни по изграденоста на македонската литературна реч, колку по она што тој го изрази на таа литературна реч – дека Македонците се посебен народ и дека нивната татковина е Македонија, со јасното разграничување на особеностите на македонскиот јазик од тие на бугарскиот, српскиот, а напати и рускиот јазик. Зато тој и се вклучува во групата на покомпетентните од него, специјалистите по прашањата на јазикот, како што се П. Зографски, К. Миладинов, Е. Каранов, П. Драганов и др., па сѐ до Крсте Мисирков, па зазема во тој круг не само споредно место. Со фактите што ги изнесе Пулевски со јазикот на обичен човек не може да се спори. Тие се примаат како аксиоми, зашто се искажани од човек изнедрен од обичните народни средини, кој само ги „истолкува“ мислите и чувствата на тие средини.

Пулевски се покажа како човек со јасни идеи за големи зафати, но со скромни сили за нивна стручно-научна реализација. Неговиот несомнено извонредно бистар ум, но без нужната подготовка, не можеше да им обезбеди на неговите трудови повисоко ниво. Тој ги уреди и „суреди“, како што во свој стил ги потпишуваше како што знаеше и умееше. Но, таа страна е сепак поспоредната. Главна страна е природно – суштината. А таа, македонската суштина, ретко кој до него подецидно ја има искажано. Таа е нашето самодокажување. Во тоа е неговата голема заслуга.

Заслужува да се истакне настојувањето, во овој временски отсек, на Ефрем Каранов, филолог по струка да изгради посебен графиски систем и неговото инсистирање собраните фолклорни материјали од својот роден крај (Кратовско) да се печатат со тој систем. Неговите ставови во овој правец не беа прифатени, но за нив се водеше сметка. Како еден од рецензентите (заедно со Димитар Матов) на записите на македонските фолклорни материјали од Марко Цепенков, понудени и печатени во познатиот „Сборник на народни умотворенија, наука и книжнина“, тој инсистира тие да се печататат со посебен графиски систем, па редакторот Иван Шишманов бидува присилен тоа и да го прифати. Оттаму е разбирливо што неговите основни концепции се прифаќаат од „Лоза“, па и Мисирков.

Осумдесеттите години на 19. век ги карактеризира јасно изделен развој на македонскиот јазичен процес. Во овој процес се вклучени многу наши творци. Потребно е да се истакне активноста на ова поле на бесарабискиот Бугарин Петар Драганов. Неговите позиции во однос на посебноста на македонскиот јазик се сосема јасни.

Како многу добро образован славист во Петербург, тој го започнува своето службување како наставник во Егзаргхиската гимназија во Солун. Иако бил назначен во неа како корисник на бугарска стипендија, тој многу брзо ја согледува вистинската состојба на работите. Окружен со ученици исклучиво Македонци (во гимназијата немало посетители од краишта во Бугарија или Србија), тој имал можност на самото место да го чуе македонскиот збор и да ја установи неговата посебност, а и да ги почувствува стремежите на Македонците. Како вистински научник тој ќе се определи за објективно следење и претставување на работите. Ќе напише притоа многубројни статии, а и четириесетина пообемни трудови од разни области на македонистиката и ќе се претстави како маркантен македонист во словенскиот свет.

Драганов доаѓа во Македонија во март 1885 фгодина и останува во неа две ипол години. Времето е исполнето со многу бурни настани. Борбата на пропагандите за превласт во Македонија тогаш достигаат кулминација. Необременет од нив и вооружен со солидни знаења, Драганов добро се снаоѓа во ситуацијата и лесно разлачува што е што во неа.

За своите проучувања на Македонија Драганов избрал правилен методолошки план: потпор врз теренскиот материјал. Од своите ученици побарал да му достават барем по два текста од народното творештво од своето место (поезија и проза) и добил над 1.200 од над сто населени места. Подоцна побарал посебно речнички материјал и добил 164 речничиња. Драганов патувал низ Македонија (посетил многу места во Солунско, Велешко и Скопско) и лично собира разностран материјал. Така настанаа неговите зборници со етнографски, статистички и дијалектолошки материјали, особено неговиот „Македонско-славјански сборник“, како прв од проектиораните четири тома со македонско народно творештво. Со целокупната своја дејност П. Драганов се претстави како одличен претходник на Мисирков.

Сета оваа активност создаде убава почва за појавата на Младата македонска книжевна дружина и нејзиното списание „Лоза“ во почетокот на 1890-тите и нејзиниот обид да се гради литературен стандард поинаков од бугарскиот (со свој графиски систем, со свој речнички состав), па беше грубо спречена во остварувањето на својата намера. „Лоза“ престана да излегува откако беше осудена и оневозможена нејзината ориентација.

Во првите децении на 20. век се водат огорчени полемики околу самобитноста на македонскиот јазик, па познатиот француски славист на тоа време Антоан Меје во 1918 година ќе напише: „Лингвистот не може да биде измамен од жестоките дискусии што се водат околу српскиот или бугарскиот карактер на словенските говори во Македонија: тоа е политика, а не лингвистика“.  Во 1918 година се изјаснува и професорот Рудолф Хајс од Универзитетот во Лозана: „Факт е дека македонскиот не се говори ни во Софија, ни во Белград. Тој е посебен словенски јазик… Според мое мислење, Македонецот не може да се нарече ни Бугарин ни Србин, туку едноставно Македонец“.

Не е нималку „уникална појава“ пишаната активност на македонски јазик во прериодот меѓу двете светски војни во политичкиот живот и во литературата. Па зарем може и од денешна перспектива да му се забележи нешто на јазикот на Рациновите „Бели мугри“ и зарем не е тоа успешна кодификација на македонскиот лидетарутерн јазик.

Па има ли објективна основа она што му се приговара и денеска на македонскиот народ и на неговиот јазик – дека е твроба на Коминтерната? Навистина, напредните сили му беа сојузник на македонскиот народ во неговата борба за свој национален индивидуалитет. И најпосле, може ли толку едноставно да се помине преку пишаниот македонски збор во текот на НОБ. Па зарем може туку-така да се помине преку решението за заведување на својот јазик, во своја држава и од свое највисоко претставничко тело какво што беше АСНОМ. Па зарем се тоа група луѓе, како што се тврди ненаучно и бесрамно во некои написи на наши оспорувачи.

(Трајко Стаматоски е нашиот најголем жив лингвист. Ова е дел од неговото излагање „Кодификација пред официјалната кодификација на македонскиот литературен јазик“ на Семинарот за македонски јазик во август 1995 година во Охрид)