Акција за воспоставување противпожарни појаси на Белчишкото Блато во Дебрца


Млади од Охрид учествуваа во теренска акција за воспоставување еколошки противпожарни појаси во подрачјето на Белчишкото Блато, во рамки на проект насочен кон превенција од пожари и заштита на природните вредности.

Акцијата ја спроведе Здружението „Екоменолог“ од Охрид во рамки на проектот „EcoFire Youth Ambassadors – Интеграција на управување со пожари, наследство и одржливост на Охридското Езеро“.

Во активноста учествуваа ученици од ОУ „Кочо Рацин“ – Охрид, претставници од локалната самоуправа на Општина Дебрца, противпожарни служби и граѓански организации, кои заеднички работеа на создавање противпожарни појаси.

Во рамки на акцијата беа засадени 230 садници од автохтони видови, меѓу кои даб, вишна, глог, дрен, леска и дива ружа, со цел подобрување на биодиверзитетот и намалување на ризикот од ширење пожари.

Проектот е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и програмата „Landscape Fire Management“ за Западен Балкан, имплементирана од „Фармахем“.

Организаторите истакнуваат дека ваквите активности се клучни за заштита на природното наследство и градење отпорност кон климатските и пожарните ризици.